Поранешниот американски претседател Доналд Трамп и неговите републикански ривали се обидуваат да ја добијат поддршката од гласачите во последните моменти од понеделник во Ајова, сојузната држава каде што почнуваат партиските прелиминарни избори за претседателски кандидат за ноемвриските избори.
Кандидатите ги одржуваат последните настап, но нивните планови ги наруши екстремниот студ кој ја зафати сојузната држава во центарот на САД.
Надмоќна победа во Ајова ќе го зацврсти статусот на Трамп како фаворит за републиканската претседателска номинација. Неговите ривали се обидуваат да се наметнат како главна алтернатива на поранешниот претседател. Републиканските гласачи ќе излезат во понеделникот навечер на повеќе од 1.500 локации низ Ајова за да ја изразат својата поддршка за кандидатите во кои имаат доверба. Сите ги поканија да излезат гласачките места и покрај екстремниот студ, имено се проценува дека температурите ќе паднат до 30 степени под нулата.
Републиканската трка потоа се движи од држава во држава сѐ додека не се утврди кандидатот кој најверојатно ќе го предизвика актуелниот демократски претседател Џо Бајден на изборите во ноември. Не е сигурно дека кој и да победи во Ајова на крајот ќе стане републикански кандидат. Последниот кому тоа му успеа беше Џорџ Буш во 2000 година.
Трамп во неделата одржа митинг во Индијанола, повикувајќи ги своите гласачи да излезат на гласање.
„Заедно правиме историја, но вие мора да се појавите. Резултатот во оваа сојузна држава ќе испрати порака до целата земја и, всушност, до целиот свет“, нагласи 77-годишниот поранешен претседател.
Во Ајова, тој сака да освои огромно мнозинство што ќе им нанесе удар на надежите на другите кандидати.
„Сакаме да собориме рекорди“, рече Трамп во петокот.
Анкетата објавена во саботата навечер покажува дека Трамп води со речиси 30 процентни поени пред Ники Хејли, поранешната американска амбасадорка во Обединетите нации во текот на неговиот мандат. Гувернерот на Флорида, Рон ДеСантис падна на третото место и е под притисок да се откаже од трката, доколку не забележи добар резултат во Ајова.