Европа има три до пет години да се подготви за руската закана, тврди премиeрката на Естонија

Европа има меѓу три и пет години да се подготви Кремљ да стане сериозна воена закана за земјите од источното крило на НАТО, изјави во понеделникот за The Times естонската премиерка Каја Калас.

„Нашата разузнавачка служба проценува дека тоа ќе биде за три до пет години и во голема мера зависи од тоа како ќе управуваме со нашето единство и дали ќе го задржиме нашиот став кон Украина“, посочи Калас која има долгогодишен спор со Русија поради односот на нејзината земја кон руското малцинство и русофоното население.

Калас се потпира на извештајот на Естонската служба за надворешно разузнавање (VLA) во кој се наведува дека Москва ги смета Естонија и другите две балтички држави „најранливиот дел од НАТО“ и нејзината најверојатна цел за напад. VLA објави дека највисок приоритет на Кремљ по завршувањето на борбите во Украина ќе биде брзото обновување на силите во западниот воен округ на Русија, веднаш до источните граници на НАТО.

Надворешната разузнавачка служба на Естонија, исто така, објави дека од перспектива на балтичките земји, Русија сè уште има доволно моќ да изврши кредибилен воен притисок во регионот.

По серијата украински неуспеси на бојното поле, расте загриженоста во Алијансата за тоа колку долго можеби ќе треба НАТО да се подготви за повторно појавување на руските сили на границите, пишува британскиот весник. Како резултат на тоа, Естонија силно бара од своите западни сојузници да ја удвојат воената помош за Украина со надеж дека ќе зададат решавачки удар на територијалните аспирации на Русија во годините што доаѓаат, се додава во текстот на The Times.

Пред избувнувањето на руско-украинската војна, Естонија во неколку наврати беше критикувана од телата на ЕУ и на ОН, како и од Русија, за големиот број лица кои не можат да добијат државјанство. Во Естонија, со 1,3 милиони жители, околу 84 отсто имаат државјанство. Бројот на естонски жители кои го имаат државјанството на Руската Федерација, е повеќе до 100.000, а уште 90.000 луѓе, претежно русофони, немаат никакво државјанство.

Во Латвија, пак, со население од околу 2,2 милиона луѓе, околу 44 отсто се русофони. Околу 16 отсто, односно 319.000, од латвиското население се води како „не-државјани“, односно лица чии родители се населиле во Латвија за време на советската ера. Во оваа земја постојат 80 разлики во правата меѓу граѓаните и ткн „не-државјани“. Особено за вторите важи законот дека немаат право да учествуваат на избори и референдуми.

Во Естонија, како и во Латвија и Литванија, балтички земји кои по осамостојувањето од Советскиот сојуз во 1991 година станаа членки на Европската унија и на НАТО, добивање на нивно државјанство не им е овозможено на сите нивни жители. Државјанство може да добијат само оние чии родители или самите тие живееле во земјата до 1940 година. Другите може да добијат државјанство преку натурализација, за што треба да полагаат устен и писмен испит за познавање на државниот јазик.