Папата до челниците во Давос: Размислете подалеку од профитот за да го излекувате поделениот свет

Папата Франциск во средата ги повика учесниците на Светскиот економски форум (СЕФ – WEF) во Давос од политичкиот, економскиот и деловниот свет да размислуваат надвор од профитот и со морални и етички решенија да се обидат да го залекуваат сè поподелен свет.

Во пораката до најмоќните светски лидери кои се состанаа во швајцарско одморалиште, поглаварот на Римокатоличката црква повика на борба против „неправдите кои се основната причина за конфликтот“, првенствено гладот ​​и експлоатацијата на природните ресурси во полза на малкумина.

„За жал, кога ќе погледнеме наоколу, гледаме сè пораскинат свет во кој милиони луѓе – мажи, жени, татковци, мајки, деца, чии лица се главно непознати за нас, продолжуваат да страдаат, дури и како резултат на долгорочни конфликти и вистински војни“, напиша 86-годишниот папа во пораката.

Франциск, кој ја направи заштитата на сиромашните и имигрантите еден од најважните моменти на неговото 11-годишно папство, истакна дека глобализацијата во основа мора да има морална димензија во економските, културните и политичките дискусии што се одржуваат во Давос. Државите и деловниот свет мора да се обединат во промовирањето на етичките модели на глобализација кои го ставаат општото добро над стремежот за моќ и индивидуалната добивка, додава во обраќањето.

„Како е можно во денешниот свет луѓето и натаму да умираат од глад, да бидат експлоатирани, осудени на неписменост, основна здравствена заштита да им е недостапна и да останат без засолниште?“, праша папата.

Аргентинскиот папа, првиот поглавар на Католичката црква од ткн. Глобалниот југ, рече дека ситуацијата во светот бара компаниите да не се водат само од профитот, туку и со „високи етички стандарди“. „Широката експлоатација“ на работниците со ниски плати и без перспектива за личен и професионален развој мора да престане, рече тој.

„Затоа, се надевам дека учесниците на овогодинешниот Форум ќе ја имаат предвид моралната одговорност што секој од нас ја има во борбата против сиромаштијата, стремејќи се кон интегрален развој на сите наши браќа и сестри и потрагата по мирен соживот меѓу нации“, додава папата.