Санчез Викарио доби условна затворска казна

Поранешната шпанска тениска ѕвезда, сега 53-годишната Аранча Санчез Викарио е осудена на условна затворска казна за измама, објави во средата судот во Барселона.

Санчез Викарио и нејзиниот поранешен сопруг Хосеп Сантакана, и уште три лица, беа осудени од кривичниот суд за криење на имотот за да избегнат да платат долг од 7,6 милиони евра кон банка во Луксембург, вклучително и камата.

Санчез Викарио нема да одлежи никаква затворска казна под услов да не изврши друго кривично дело во рок од две години.

Двојката, којашто се разведе во 2019 година, ги отфрли обвиненијата, а Сантакана е осуден на три години и три месеци затвор, според соопштението на судот.

Санчез Викарио го обвини Сантакана, тврдејќи дека тој располагал со нејзините пари и дека таа не знаела за какво и да е незаконско мешање во нејзиниот семеен имот. Ним им е наложено да платат отштета од 6,6 милиони евра на „Banque de Luxembourg“ и да платат засега неодредени казни.

Санчез Викарио беше првата шпанска тенисерка којашто дојде до врвот на женската тениска ранг листа. Трипати го освојуваше Ролан Гарос и еднаш победи на УС Опен пред да се пензионира во 2002 година.