Гинис сомничав околу титулата најстар пес на светот

Португалското куче Боби се најде на насловните страници минатата година кога му беше доделена титулата за најстариот пес на светот, соборувајќи го претходниот рекорд кој стоеше речиси еден век, но сега Гинис ја доведува во прашање валидноста на таа титула.

Боби почина минатиот октомври на официјална возраст од 31 година и 165 дена. Но, неговата титула неодамна беше доведена во прашање, откако некои ветеринари фрлија сомнеж врз доказите за возраста на Боби. Гинисовата книга на рекорди (GWR), поради тоа, ја суспендираше титулата и започна истрага.

Просечната очекувана возраст на расата на која ѝ припаѓаше Боби, аленташко овчарско куче односно Рафејру де Алентажу (аленташки мастиф), е помеѓу 12 и 14 години. Неговата длабока старост беше потврдена од базата на податоци за домашни миленици на португалската влада, управувана од Националниот сојуз на ветеринари, објави GWR минатата година.

Но, како што веста за неговиот рекорд брзо се рашири – така се зголемија и сомнежите. Истрагата на магазинот Wired покажала дека годината на раѓање на Боби, регистрирана во португалската база на податоци за домашни миленици била 1992 година, но без никакви документи или информации кои би го потврдиле или негирале тоа. Тука се поставува и прашањето за старите фотографии од домашно милениче каде неговото крзно не е баш исто кај сите, па некои сугерираат дека се работи за сосема друго куче. Затоа, скептицизмот расте меѓу експертите.

Боби живеел цел живот со семејството Кошта во селото Кокејруш, во областа Лерија во блозина на западниот брег на Португалија. Неговиот сопственик, Леунел Кошта, во изјавата во средата рече дека „елитата во ветеринарниот свет… се обидела да им ја наметне на луѓето идејата дека животната приказна на Боби не е вистинита“.

Кошта верува дека реакцијата се случила затоа што долговечноста на Боби ја припишал на исхрана слична на човекот, а не на храна за домашни миленици. Тој вели дека ова е спротивно на препораките на многу ветеринари.

„Сè ќе беше поинаку ако кажевме дека тој јаде храна за домашни миленици три децении“, рече Кошта кој претходно изјави дека Боби никогаш не бил врзан на синџир или воден на поводник, додавајќи дека сѐ што побарала GWR за да се потврди возраста на Боби е исполнето.

Претходниот долговечен рекордер од книгата на рекорди беше женка од австралиската овчарска раса по име Блуи, која живела 29 години во сојузната државаа Викторија во југозападна Австралија и била евтаназирана во 1939 година поради тешка болест. Нејзината возраст е потврдена и со документи. Записот за кучето по име Чила, кое почина во 1984 година, не беше конечно потврдено – мешанка од лабрадор ретривер и австралиско овчарско куче. Според зборовите на нејзиниот сопственик, таа имала 32 години и 3 дена.