Почина српскиот НБА тренер Дејан Милојевиќ

Поранешниот српски кошаркар и успешен кошаркарски тренер Дејан Милојевиќ почина во болница во Солт Лејк Сити на 46-годишна возраст, како последица на срцев удар, објави на својата интернет портал во средата Мега Баскет, клубо кој постигна голем успех под водство на Милојевиќ.

Милојевиќ од 2021 година е во улога на помошник тренер во Голден Стејт Вориорс, со кого во вторникот отпатува за Солт Лејк Сити, каде во среда требаше да одиграат натпревар против домашната Јута Џез во рамките на новата сезона на најсилната кошаркарска лига на светот НБА.

За време на вечерата на играчите и тренерите, на Милојевиќ му се слошило и итно бил префрлен во болница, соопштија од Голден Стејт Вориорс. Во текот на денот беше објавено и соопштение од канцеларијата на НБА во кое се наведува дека натпреварот ќе биде одложен поради „медицинска вонредна состојба во семејството на Вориорс“.

За жал, набрзо пристигна вест за смртта на поранешниот одличен кошаркар и талентиран тренер.

Милојевиќ е роден на 15-ти април 1978 во Белград, а во својата играчка кариера настапуваше за Беовук, ФМП, Будуќност, Партизан, шпанска Валенсија и турски Галатасарај. Беше репрезентативец кој го освои златниот медал на Европското првенство во Турција во 2001 година. Три години по ред (2004 до 2006) беше прогласен за најдобар играч на регионалната АБА лига.

По завршувањето на играчката кариера во 2010 година ја презеде функцијата спортски директор на Мега Белград, а во 2012 година стана главен тренер. На таа позиција остана до 2020. Меѓу многуте играчи кои заминаа од Мега во НБА лигата, најистакнат е двократниот освојувач на наградата МВП во најдобрата кошаркарска лига во светот, центарот на Денвер Нагетс, Никола Јокиќ.

Милојевиќ со Мега освои еден домашен пехар, а за половина сезона како тренер на Будуќност во 2021 година беше шампион и освојувач на Купот на Црна Гора.

Во јуни 2021 година, тој ја прифати поканата да му се придружи на стручниот штаб на Стив Кер во Голден Стејт Вориорс, со кого ја освои шампионската титула во НБА лигата во 2022 година.