Во Појасот Газа пристигнаа лекови од Катар и Франција

Катарското Министерство за надворешни работи во ноќта кон четвртокот соопшти дека во Појасот Газа пристигнале лекови и друга помош од таа земја и од Франција.

„Во последните неколку часа лекови и помош влегоа во Појасот Газа“, напиша Мајед ал-Ансари, портпарол на катарското министерство на платформата X.

Во објавата истакнува дека станува збор за имплементација на договорот постигнат со посредство на Катар, објавен ден претходно, а кој ќе им помогне на цивилите во палестинската енклава Појасот Газа, како и на заложниците кои ги држи движењето Хамас. Катар објави дека во два авиона пристигнала 61 тон хуманитарна помош.

Медицинската помош во средата од Франција и Катар пристигна во египетскиот крајбрежен град Ал-Ариш, а потоа ја мина контролата на граничниот премин Керем Шала со Израел и конечно беше префрлена од Египет во Појасот Газа, пишува германската новинска агенција DPA.

Катарската сателитска телевизија Al Jazeera ги пренесува тврдењата на француското Министерство за надворешни работи дека помош ќе стигне и до 45-те израелски заложници држени во Газа, а оние со хронични болести ќе имаат лекови за тримесечно лекување. Израел објави дека една третина од преостанатите 132 заложници страдаат од хронични болести.

Муса Абу Марзук, еден од политичките лидери на Хамас, на социјалните мрежи објави неколку услови на милитантното движење за да се согласи на договор со посредство на Катар. За секоја кутија со лекови наменета за заложниците, Хамас бараше илјада кутии лекови за палестинските цивили. Хамас побара и помошта да не ја проверува израелската војска.