Руски пратеник предлага разведените да се пратат во зоната на конфликтот во Украина

Разведените во Русија треба да се соочат со последици во форма на парична казна или да се испратат на бојното поле во конфликтот во Украина, предложи контроверзниот член на руската Државна дума и заменик-шеф на парламентарната комисија за заштита на семејството.

Виталиј Милонов дошол на оваа идеја во средата додека парламентот расправал за предлогот на десничарската Либерално-демократска партија на Русија, државата да ги награди оние кои ќе стапат во брак пред 35-годишна возраст со 10.000 рубли (околу 113 долари).

Пратеникот на владејачката партија Единствена Русија тврди дека проблемот не е што во Русија се склучуваат премалку бракови, туку дека премногу од нив се распаѓаат.

„Затоа предлагам, во случај на развод, парична казна од 100.000 рубли (1.128 долари) или поправна работа во областа на руската воена операција во Украина“, рече тој.

Според податоците објавени претходно оваа недела од страна на Федералната државна служба за статистика на Русија, меѓу јануари и октомври 2023 година во земјата имало повеќе од 800.000 бракови и околу 566.000 разводи.

Шефот на Комитетот за заштита на семејството, Нина Останина, подоцна изјави за Газета.ру дека парламентот нема да ја разгледа иницијативата на Милонов.

„Разводот сам по себе е веќе казна, вклучително и за децата кои стануваат жртви на недоразбирање меѓу нивните родители. По правило, во 80% од случаите причините за развод се од материјална природа: домување, ниски плати“, вели таа.

Останина, исто така, го отфрли предлогот на ЛДПР за исплата од 10.000 рубли на младенците, тврдејќи дека тоа „нема иднина“, бидејќи сумата е премала за да се охрабри некој да се врзе.

„Има иднина за сите иницијативи кои предвидуваат сеопфатна поддршка за семејствата, особено за семејствата со деца“, рече таа. Младите семејства нема да се распаднат ако на луѓето им се понуди „домување, пристојни плати и гарантирано вработување“, тврди Останина.

Милонов низ годините се прослави како поддржувач на семејните вредности и силен противник на ЛГБТК активизмот. Оваа недела тој побара и забрана за стерилизација на мажите во Русија. Претходните иницијативи на контроверзниот пратеник вклучуваа етикетирање на групи кои промовираат начин на живот „без деца“ како екстремисти, забрануваат прослави на Ноќ на вештерките во земјата и многу други.