
Во два града на североистокот на Босна и Херцеговина е прогласена епидемија на морбили, поради што тринаесет помали деца се хоспитализирани со сериозни здравствени проблеми, како последица на невакцинирање на децата против оваа заразна болест.
Заедно со морбилите, здравствената состојба на тринаесет деца од областа Тузла и Живинице дополнително ја влошила и големата кашлица, поради што надлежните донесоа одлука за формирање на посебно Инфективно одделение на Клиниката за детски болести во Тузла.
„Имаме 13 хоспитализирани пациенти, тоа се невакцинирани деца со тешки клинички симптоми“, изјави за локалните медиуми раководителот на Клиниката за детски болести д-р Лејла Османчевиќ.
Објасни дека кај овие деца големата кашлица може да има последици на респираторниот тракт, што вклучува хронична алергиска астма, бронхитис и ларингитис.
„За жал, таа бројка расте и ќе биде значително поголема за време на викендот“, додаде д-р Османчевиќ.
Епидемиологот од Институтот за јавно здравје на Тузланската жупанија, Блашко Топаловиќ, изјави дека не е изненаден од појавата на мали сипаници, со оглед на прилично нискиот вакциниран опфат со МРП вакцината (против сипаници, заушки/паротитис и рубеола) кај децата. Тој објасни дека повеќе од една третина од децата не биле вакцинирани со таа вакцина.
„Имаме група родители кои сметаат дека не е потребно да ги вакцинираат децата бидејќи ништо не им се случува, а приоритет и даваат на болеста. Тоа е погрешно гледиште“, вели епидемиологот Топаловиќ.