Балтичките земји со бункери ќе ја зајакнуваат границата кон Русија

Балтичките држави Естонија, Летонија и Литванија, земјите членки на НАТО, сакаат да ги обезбедат своите граници со Русија и Белорусија од наводни можни напади со помош на стотици бункери, изјавија во петокот министрите за одбрана на трите поранешни советски републики.

Министрите потпишаа договор во Рига според кој Естонија, Летонија и Литванија ќе градат одбранбени капацитети во наредните години за да се одвратат и, доколку е потребно, да се одбранат од воени закани, соопшти естонското Министерство за одбрана.

„Руската војна во Украина покажа дека, освен опрема, муниција и војници, потребни се и одбранбени капацитети на границата за одбрана на Естонија од првиот метар“, изјави естонскиот министер за одбрана Хано Певкур според кого „балтичката одбранбена зона е внимателно осмислен проект“.

Нагласи дека целта на одбранбените објекти е „да се спречи воен конфликт во регионот“. „Го преземаме овој чекор за жителите на Естонија да се чувствуваат безбедно, а доколку се појави и најмал ризик, би биле подготвени за различни сценарија“, додаде Певкур.

Како што појасни министерот, во мирнодопски период во зоната нема да се разместуваат експлозивни средства, бодликава жица и други елементи за оградување нема да бидат поставени во безбедносната зона. Имено, минатата седмица естонскиот пратеник од опозициската Конзервативна народна партија Лео Кунас предложи употреба на противпешадиски мини при изградба на одбранбени структури на границата.

Според весникот Postimees, Талин има намера да изгради околу 600 бункери на источната граница на земјата во случај на „можна закана од Русија“. Според пишувањата на медиумите, изградбата на објектите треба да започне во 2025 година. За ова првично се предвидени околу 55 милиони евра. Ќе се создаде систем од бункери и линии за снабдување.

Естонија претходно во ноември минатата година поставија дополнителни бетонски бариери познати како „змејски заби“, во областа Нарва, кон границата со Русија.

Москва постојано нагласува дека не претставува закана за ниту една од земјите на НАТО, но нема да игнорира дејствија кои се потенцијално опасни за нејзината безбедност и интереси. Истовремено, Москва порача дека „сè уште отворена за дијалог, но на рамноправна основа, а Западот мора да го напушти својот курс кон милитаризација на Европа“. Како што истакна неодамна претседателот Владимир Путин, Русија не сака директен воен судир со НАТО, но доколку некој од блокот тоа го посакува, Москва е подготвена и за таков развој на ситауцијата.