Израелскиот и палестинскиот министер за надворешни работи во понеделник во Брисел

Министрите за надворешни работи на Европската унија понеделник во Брисел одделно ќе се сретнат со нивните колеги од Израел и од Палестинската самоуправа, известува AFP повикувајќи се на информирани извори.

Шефот на израелската дипломатија Исраел Кац во понеделник наутро ќе се сретне со европските министри, а попладне тие ќе имаат средба со шефот на палестинската дипломатија Ријад ал-Малики, појаснуваат изворите, додавајќи дека средба меѓу двајцата не е закажана.

Дваесет иседумте министри за надворешни работи на земјите членки на ЕУ сакаат да слушнат од двајцата министри за надворешни работи како имаат намера да стават крај на насилството и нападите во Газа, каде што десетици илјадници луѓе загинаа како одговор на Израел на нападот на Хамас на 7-ми октомври.

Во Брисел се очекуваат и други министри од регионот – египетскиот, саудискиот и јорданскиот, како и генералниот секретар на Арапската лига, со кои шефовите на европските дипломатии ќе имаат работен ручек.

Европската унија, како и САД, деклараративно постојано велат дела залагаат за решение со две држави, како што е предвидено со резолуција на светската организација уште во 1947 година, што би било услов за стабилизирање на регионот и воспоставување мир. Меѓутоа, изминатите повеќе од седум децении нема никакво позитивно придвижување во таа насока, туку напротив назадување, особено откако Израел во 2014 година го прогласи Ерусалим за своја „историска и недделива“ престолнина, а Палестинците источниот дел од Светиот град, кој како и Западниот брег (на реката Јордан) меѓународната заедница го смета за окупирана палестинска територија од страна на Израел во војната до 1967 година, го сакаат за главен град на идната нивна држава.

Неколку земји-членки на ЕУ повикаа на траен и итен прекин на огнот, но други, како Германија и Унгарија, се противат, инсистирајќи на правото на Израел да се брани во согласност со меѓународното право. Се очекува министрите за надворешни работи на ЕУ да ги поддржат новите санкции против Хамас на состанокот во понеделник. Неколку земји-членки, исто така, бараат санкции против екстремистичките израелски доселеници на Западниот брег, какви што веќе воведе Белгија, но други држави не се за тоа.