Најмалку 13 жртви во пожар во интернат во Кина

Во пожар во интернат во централна Кина загинаа 13 лица, а едно е тешко повредено, објавија во саботата кинеските државни медиуми.

Пожарот избувнал во петокот вечерта во училиштето Јингцаи во селото Јаншанпу, во близина на градот Нанјанг во провинцијата Хенан, објавија кинеската централна телевизија и новинската агенција Xinhua.

Според извештаите, пожарникарите брзо го изгаснале пожарот, а директорот на училиштето бил приведен.

Јингцаи е приватен интернат со детска градинка и основно училиште, објави The Paper, локален весник поддржан од владата. Училиштето им дава одмор на учениците на секои две седмици, но сега не бил празничен викенд, објави The Paper, цитирајќи неколку локални жители.

Многу од учениците на Јингцаи се од рурални области, се вели во објавата, додавајќи дека пожарот избувнал околу 22 часот во петокот.