Премиер лига: Нова победа за водечкиот Ливерпул

Фудбалерите на Ливерпул, водечкиот тим во англиската Премиер лига, го совладаа Борнмаут со 4:0 на гостински терен во последниот дуел од 21. коло од тековното првенство.

Ливерпул беше подобар во текот на целиот натпревар, а во вториот дел го разби противникот. По една убава и прецизна акција во 49. минута Ливерпул поведе, а по асистенција на Диого Жота погоди Дарвин Нуњез. Натпреварот беше решен во 70. минута кога Португалецот Диого Жота ја зачини полуконтрата со гол за 2:0. Истиот играч постигна гол во 79. за 3:0, додека во судиското надополнување Нуњез го постигна својот втор гол за конечните 4:0.

Со натпревар помалку, лидерот Ливерпул моментално има пет бода повеќе од второпласираниот Манчестер Сити. Борнмаут остана на 12-то место со 25 бодови.

Иако беа фаворити и водеа до 103. минута, фудбалерите на Вест Хем не успеаја да го победат Шефилд Јунајтед на гостински терен, натпреварот заврши со резултат 2:2. Гостите од Лондон поведоа во 28. минута кога Корнет, фудбалер од Брегот на Слоновата Коска, ја погоди домашната мрежа. Сепак, гостинската екипа замина на пауза без предност, бидејќи Бреретон погоди во 44. за 1:1.

Се чинеше дека Вард-Проуз ја обезбеди победата за Вест Хем, кој беше прецизен во 79. минута и реализираше пенал за 2:1 за својот тим. На крајот од натпреварот исклучен беше по еден играч за секоја екипа, Брустер за домаќините, а Куфал за Вест Хем, а шокот за гостите дојде во 103. минута. Беше досуден пенал за Шефилд Јунајтед, а МекБурни беше смирен ги постави конечните 2-2.

Вест Хем остана на шестото место на табелата со 35 бодови, додека Шефилд Јунајтед остана последен со 10 бода. Има два бода помалку од претпоследниот Барнли.

Претходно во саботата во дербито на оваа рунда Манчестер Сити на гостински терен го победи Њукасл со 3:2. Челзи на домашен терен го победи Фулам со 1:0, додека без победник завршија дуелите Барнли – Лутон 1:1, Евертон – Астон Вила 0:0 и Манчестер Јунајтед – Тотенхем 2:2.

Последниот натпревар од ова коло Брајтон – Вулверхемптон ќе го одиграат в понеделник.