Бени Шаќири нов директор на МКЦ

По едногодишни надмудрувања и проблеми, градоначалничката Данела Арсовска ја исполни својата намера, го назначи музичарот Арбен Бени Шаќири за нов директор на Младинскиот културен центар.

Toj беше еден од тројцата кандидати, заедно со дипломираниот продуцент и филмски работник Никола Мадиќ- сопруг на заменичката-министер за правда Викторија Аврамовска-Мадиќ и Владимир Стојчевски, дипломиран продуцент и професор, магистер по менаџмент на јавни установи.

Според условите во конкурсот, покрај високото образование од областа на хуманистичките науки, кандидатите за директор на МКЦ треба да имаат и 5 годишно работно искуство во областа на културата.

А, Управниот одбор на МКЦ ги доставил апликациите од тројцата кандидати до градоначалничката Арсовска, која ставила потпис на решението за директор на Шаќири.

Пред една година вработените во МКЦ протестираа поради разрешувањето на Ванчо Богоев од в.д. директор и назначувањето на таа функција на дипломираниот детектив Никола Алексов, примен во МКЦ преку Агенцијата за привремени вработувања.

Богоев беше разрешен зашто не попушти под притисокот на градоначалничката Арсовска да го вработи Бени Шаќири.