Вработени во ЈСП на протест, во прекин јавниот градски превоз

Околу 400 вработени на ЈСП „Скопје“ денеска излегоа на протест пред просториите на Град Скопје од каде што го чекаат исходот од вонредната седница на Советот на која советниците треба да расправаат по однос на исплата на субвенции за Јавното претпријатие.

Како ќе се однесуваат вработените во ЈСП зависи од седницата на Советот на Град Скопје, изјави пред почетокот на протестот претседателот на синдикалната организација на ЈСП, Миќо Стојановски.

„Затоа се собравме денеска во голем број да извршиме еден мал притисок врз советниците на Град Скопје кои веќе неколку месеци ја ескивираат и не ја носат одлуката за субвенционирање на буџетот. Ако денеска седницата на Советот на Град Скопје заврши онака како што вработените и синдикатите сакаат, тогаш во попладневните и во вечерните часови јавниот градски превоз ќе функционира нормално“, изјави Стојановски.

Од новата партија на Арсовска, Нова алтернатива велат дека советниците на ВМРО-ДПМНЕ ја блокираат и опструираат нормалната работа на јавните претпријатија во Градот Скопје.

– По втор пат Мицкоски се обидува да предизвика хаос со градскиот превоз во главниот град, на штета на скопјани. Нова Алтернатива најостро ги осудува обидите на Мицкоски за собирање политички поени на грбот на граѓаните. Имено советниците на ВМРО-ДПМНЕ одбиваат да ги гласат програмите на јавните претпријатија меѓу кои и онаа на ЈСП со што директно ја блокираат нормалната работа на претпријатието и редовната исплата на плати кон вработените. Советниците на ВМРО-ДПМНЕ заедно со управниот одбор на претпријатието се директно одговорни за доцнењето на платите на вработените во ЈСП – велат од Нова алтернатива.

Советникот од ВМРО-ДПМНЕ, Филип Јаневски, денеска посочи дека Советот на Град Скопје упорно одобрува пари за ова претпријатие, а не се даваат одговори каде се трошат парите.

„Ние упорно и упорно истураме пари во ова претпријатие, а упорно и упорно не ни се даваат одговори каде се трошат парите. Минатата година беа дадени рекордни 740 милиони денари, 12,5 милиони евра на ова претпријатие, а сега допрва ќе видиме со колкава загуба ќе ја заврши 2023 година кога ќе стигнат извештаите. Знаете ли кој е концептот на субвенции. Помош при потешкотии во работењето. Ние гласаме потешкотии на работењето за 2024 година, а годината уште не е започната. Знаете што значи ова? ЈСП не може ниту плати да ги исплати на своите вработени без од градот да има над 10 милиони евра секоја година дадено, тоа е 10 проценти од буџетот на градот. Тоа се помалку пари за булевари, водовод, улици, заклучи Јаневски.

Јаневски порача дека нема да ја поддржат точката за дополнително давање на помош на ЈСП, додавајќи дека вработените во ЈСП треба да се обратат до нивниот директор бидејќи тој не им обезбедил плата“.