Газа: Израелските сили упаднаа во болница, во Кан Јунис се водат крвави битки

Израелските сили напредувајќи длабоко во западниот дел на гргадот Кан Јунис во најкрвавите борби во Појасот Газа досега во јануари, упаднаа во една болница и опколија друга во понеделникот, прекинувајќи го лекувањето на пациентите и ранетите на одделот за интензивна нега, соопштија палестинските власти.

Армијата првпат напредуваше во областа ал-Маваси во близина на брегот на Средоземното Море, западно од Кан Јунис, голем град во јужниот дел на Појасот Газа. Таму израелскаите сили извршија рација во болницата „Ал-Каир“ и го уапсија медицинскиот персонал, изјави за Reuters портпаролот на Министерството за здравство на Газа, Ашраф ал-Кидра.

Израел не ја коментираше ситуацијата во болницата, а од канцеларијата на воениот портпарол немало коментар на барање на Reuters. Армијата подоцна истиот ден соопшти дека тројца нејзини војници биле убиени во понеделникот во јужниот дел на Газа.

Кидра рече и дека најмалку 50 Палестинци биле убиени во текот на изминатата ноќ во Кан Јунис, додека опсадата на здравствените установи значи дека десетици мртви и ранети се надвор од дофат на спасувачите.

„Израелската окупација го спречува движењето на возилата на брза помош за да ги извлечат телата на мачениците и ранетите од западниот Кан Јунис“, рече тој.

Палестинскиот Црвен крст соопшти дека тенкови ја опколиле „Ал Амал“, друга болница во Кан Јунис, според седиштето на агенцијата за спасување, која изгубила контакт со персоналот таму.

„Ние сме длабоко загрижени за она што се случува околу нашата болница. Амбулантите не можат да влегуваат и излегуваат и не можеме да обезбедиме никаква итна помош на луѓето во таа област“, рече Томасо Дела Лонга, портпарол на Меѓународниот Црвен крст.

Израел вели дека борците на Хамас оперираат во и околу болниците, што Хамас и медицинскиот персонал го негираат.