Преглед НБА лига: Бакс ја запреа победничката низа на Кавс

Кошаркарите на Милвоки Бакс остварија победа во НБА лигата по промената на тренерската клупа, на домашен терен го совладаа Кливленд со 126:116. Со успешен старт по тренерската промена, Милвоки запре противник кој е во одлична форма и пред ова гостување имаше серија од осум победи. Нов тренер на Милвоки е искусниот 62-годишен Док Риверс, кој претходно во кариерата работеше во Орландо, Бостон, Лос Анџелес Клиперс и Филаделфија. Милвоки сѐ уште е втор на табелата во Источната конференција и три победи зад лидерот Бостон Селтикс.

Во славјето против Кливленд, тројца играчи на Милвоки постигнаа 25 или повеќе поени. Најрасположен беше Јанис Адетокумбо кој мечот го заврши со „трипл-дабл“ со 35 поени, 18 скока и 10 асистенции. Тоа е седми „трипл-дабл“ за Гркот оваа сезона. Демијан Лилард постигна 28 поени, а Крис Мидлтон 25 поени со пет скока и асистенции. На другата страна најдобар играч беше Донован Мичел, кој постигна 23 поени со осум асистенции и седум скока.

По одлично одработената трета четвртина, која беше добиена со 43:20, Феникс Санс на гости ги совлада Далас Маверикс со 132:109. Со тоа продолжи позитивната серија на Феникс, ова беше седма последователна победа на клубот од Аризона. Незапирлив беше Девин Букер, кој постигна 46 поени и додаде седум скока. Многу добри беа и Бредли Бил со 20 поени, седум скока и седум асистенции и Кевин Дурент кој имаше 10 скока и седум асистенции заедно со 12 поени. Далас ги влечеше колку што можеше Лука Дончиќ, кој постигна 34 поени со девет асистенции и осум скока.

Кошаркарите на Детроит Пистонс победија само петти пат сезонава, на домашен терен беа подобри од Шарлот Хорнетс со 113:106, а најдобар играч на натпреварот беше хрватскиот кошаркар Бојан Богдановиќ. Со оваа победа Детроит ја прекинаа негативната серија од три пораза, но сепак е најслабиот тим во целата лига со скор 5-39. Победата против нешто подобриот ривал, Шарлот имаат скор 10-32, ја обезбеди Детроит во последната четвртина која ја доби со 24:14. Шарлот водеше со 106:103 на две минути до крајот, по што следеше серија од 10:0 на домашната екипа за победа.

Огромен дел од работата на патот до победата на Детроит заврши Бојан Богдановиќ, кој за 33 минути на паркетот постигна 34 поени. Алек Буркс постигна 15 поени, додека Џејлен Дуран постигна 14 поени. Детроит вообичаено играше без својот номинален најдобар играч, Кејд Канингем.

Голден Стејт пред своите гледачи ги победија Атланта Хокс со 134;112. По изедначените први 24 минути и 69:68 за домаќинот, Голден Стејт доминираа во останатите две четвртини а до победата го предводеа Стивен Кари и Џонатан Куминга со по 25 поени, додека Клеј Томпсон постигна 24. Кари додаде и осум асистенции во славјето а Куминга девет скока.

Оклахома Сити ги победија Сан Антонио на гостински терен со убедливи 140:114 со шест играчи кои постигнаа двоцифрен број оени. Најдобар меѓу нив, како и обично, беше Шаи Гилџеус-Александер со 32 поени, 10 асистенции и шест скока.

Мини серијата од два пораза ја прекинаа Минесота Тимерволфс кои на гостински терен беа подобри од Вашингтон Визард со 118:107 благодарение на уште едно одлично издание на Ентони Едвардс, кој постигна 38 поени, додека Мајами Хит го доживеаја четвртиот пораз во низа. Ослабениот Мемфис славеше на Флорида со 105;96. Играч на натпреварот беше Винс Вилијамс Џуниор кој постигна 25 поени со одличен шут 5 од 6 за три поена.