
Француските земјоделци денеска почнаа да ги уништуваат увозните земјоделски производи испорачани со камиони од други земји, а дел од нивните барања се и регулирање на нелојалната конкуренција, како и намалување на даноците.
Според странски извештаи, земјоделците запираат странски камиони на автопатот А7 кај Монелимар и ја палат и ја расфрлаат стоката, јавува БФМ ТВ. Друга група земјоделци формираа конвој од трактори рано утринава на главниот пат RN12 во близина на Париз, а демонстрантите се закануваат и дека масовно ќе дојдат во главниот град.
Земјоделците во Франција, земја која е и најголем производител на земјоделски и прехранбени производи во ЕУ, истакнуваат дека од една страна не се доволно платени и дека се задушени од прекумерната регулатива како дел од заштитата на животната средина. Според нив, иницијативата на француската влада и трговските синџири да се справат со поскапувањето на храната, ги става во незавидна положба и им оневозможува да се справат со високите цени на енергијата, ѓубривата и транспортот.
Што се однесува до поевтините увезени производи, француските земјоделци прво како причина ја посочуваат Украина, од каде ЕУ се обврза да увезува производи со големи квоти, како и трговскиот договор меѓу ЕУ и Меркосур (јужноамериканскиот блок), сомневајќи се дека ќе создаде нелојална конкуренција на пазарот на месо, житарици и шеќер.
На еколошки план, земјоделците ги преиспитуваат правилата на ЕУ за субвенции за 4 отсто од земјиштето да остане необработено. Се вели дека зелената политика се заснова на контрадикторните цели и секоја земја треба да прави сопствени правила за производството на храна и на други стоки.