Претседателот на Владата Димитар Ковачевски, денеска, во законски предвидениот рок, ја депонираше оставката во Собранието, и притоа имаше средба со претседателот на Собранието, Талат Џафери.
На средбата, како што соопштија од Владата, премиерот Ковачевски истакнал дека функцијата претседател на Влада ја извршувал одговорно и посветено, со должна почит кон граѓаните, водејќи се од определбата за обезбедување едно општество за сите, со еднакви права и еднакви одговорности.
– Премиерот Ковачевски, на средбата потенцирал дека ќе продолжи и понатаму да се залага за остварување на европската визија за Република Северна Македонија бидејќи за нас нема друга опција, освен европскиот пат. Заеднички беше констатирана важноста на заложбите за реализирање на нашите европерспективи и обезбедување на сите предуслови за да се трасира нашата европска иднина, се наведува во соопштението.
На средбата се разговарало и за деталите околу формирањето на новата техничка Влада, при што премиерот Ковачевски му посакал успех на претседателот на Собранието, Џафери на премиерското место.
Со поднесената оставка на премиерот Ковачевски, почнуваат процесите за формирање на техничка влада, која ќе создаде услови за одржување на фер и демократски претседателски и парламентарни избори.