Австралија Oпен: Чинвен Женг во финалето против Сабаленка

По бранителката на титулата Арина Сабаленка, кинеската тенисерка Чинвен Женг се пласираше во финалето, кое ќе се игра в сабота, на грен-слем турнирот Австралија Опен по победата со 6-4, 6-4 против Украинката Дијана Јастремска.

За 12-та носителка Чинвен Женг ова е веројатно најдобриот резултат во кариерата, а досега најдалеку стигна на грен-слем турнир минатата година на УС Опен, кога се пласираше во четвртфиналето.

По точно десет години кинескиот тенис има финалист во Мелбурн откако На Ли во финалето во Мелбурн во 2014 година ја победи Доминика Цибулкова. Одлична серија за Јастремска, 93. тенисерка во светот, започна во Мелбурн овој јануари во квалификациите со победа во првото коло против хрватската тенисерка Леа Бошковиќ во три сета.

Полуфиналето меѓу Чинвен Женг и Јастремска беше многу изедначено, но Кинеската беше за нијанса подобра во двата сета и со тоа го доби дуелот за престижната титула.

Претходно во првото полуфинале белоруската тенисерка Арина Сабаленка, бранителката на титулата на грен-слем турнирот во Мелбурн, стана првата финалистка на Австралија Опен по победата во полуфиналето со 7-6(2), 6-4 против Американката Коко Гоф.

Во полуфиналето се соочија минатогодишната победничка на Австралија Опен, Сабаленка и последната победничка на некој грен-слем турнир, откако 19-годишната Гоф лани славеше на УС Опен.

Сабаленка подобро го отвори мечот и имаше голема предност во првиот сет. Водеше со 2-0 и 5-2, но целосно го искомплицира тој дел од натпреварот. Гоф освои четири гема по ред, поведе со 6-5 и сервираше за 1-0 во сетови. Во тој период Гоф поведе со 30-0 но едноставно застана во тој момент. Сабаленка се избори за тај-брејк кој убедливо го доби.

Во вториот сет секоја од тенисерките ги добиваше своите сервис гемови до 4-4 кога Белорусинката направи клучен брејк. Поведе со 5-4, а потоа го потврди брејкот и дојде до победата во мечот кој со право беше наречен финале пред финалето. Минатата година Сабаленка ја освои својата прва и досега единствена грен-слем титула во Австралија.