Францускиот Уставен суд во четвртокот пресуди дека голем дел од новиот закон за имиграцијата е неуставен, вклучувајќи го ограничувањето на пристапот на мигрантите до социјална помош и доделувањето државјанство на нивните деца родени во Франција.
Судот укина 35 од 80-те мерки, од коишто повеќето беа предложени од пратениците на десничарската опозиција за време на турбулентниот парламентарен процес. Мерките како што се отежнување на мигрантите да ги донесат своите семејства во Франција или давање државјанство и социјална помош на нивните деца родени во Франција беа одбиени од процедурални причини.
Пресудата е олеснување за претседателот Емануел Макрон, за кого законот за миграцијата беше една од главните точки за неговиот втор мандат. Макрон нема мнозинство во парламентот, па му требаше поддршката од Националниот собир на десничарката Марин Ле Пен за да го потврди законот.
Макрон и три други парламентарни групи го упатија законот на уставна ревизија.
Од сите мерки кои беа поништени, 32 се исфрлени од процедурални причини. Судот не соопшти дали мерките го прекршуваат Уставот, што значи дека може повторно да се предлагаат.
Крајно десничарскиот опозициски лидер Жордан Бардела ги критикуваше судиите.
„Со поддршка на претседателот, Уставниот суд ги цензурира строгите мерки за кои најмногу се залага францускиот народ“, напиша тој на платформата X.