За нов в.д директор на ЈЗУ Општа болница Велес е назначен д-р Зоран Арсовски ортопед, вработен во болницата, со одлука на министерот за здравство д-р Фатмир Меџити од 25 јануари, информира денеска портпаролот на велешката болница Марина Андова.
Инаку, при завчерашната посета на велешката болница министерот за здравство Меџити најави дека неделава ќе биде избран нов в.д дуректор од редовите на велешката болница.
Како што информира портпаролот Андова, за оваа функција предвид биле земени четири лекари, од кои три жени и доктор Зоран Арсовски кој е избран за нов прв човек кој ќе менаџира со оваа јавна здравствена установа.
Зоран Арсовски е вработен во ЈЗУ Општа болница Велес во 2015 година, на Одделот за ортопедија и трауматологија, по завршување на приватна специјализација. Во периодот од 2011 до 2015 година, работи како професор во средно медицинско училиште во Велес. Од почеток на 2019 година, почнува со ортопедски процедури, кои до тогаш не се изведуваа на Одделот за ортопедија и трауматологија во Велес.
Арсовски почнува интензивно да работи во областа на ендопротетика на колкови и колена. Со тоа завршува потребата пациентите со фрактура на колк да бараат помош во Скопје или Охрид, како што тоа беше случај пред неговото вработување во велешката болница. Воедно, почнува со оперативни интервенции на фрактури на проксимален фемур и операции на фрактури по најсовремени методи.
По постојано доусовршување и надоградување на професионалните вештини, тој почнува со воведување на други процедури, како артроскопија на колена и скочен зглоб.
-Како исклучително стручен во својата област, со именувањето на доктор Зоран Арсовски, ЈЗУ Општа болница Велес доби директор, а градот не изгуби специјалист ортопед, бидејќи тој и во иднина ќе продолжи совесно да ја обавува својата професија како ортопед, потенцира портаролот Андова.
Поранешниот в.д директор на ЈЗУ Општа Болница Велес Ристе Богиевски, кој по професија е адвокат си замина од оваа функција бидејќи беше назначен за нов Државен правобранител на подрачјето на Основен суд Велес.