Франција сака да донесе одлука оваа седмица за промена на еколошките регулативи на Европската унија за земјоделското земјиште што мора да остане во склад со новите правила за биолошка разновидност за да им се помогне на француските земјоделци, изјави во понеделникот министерот за земјоделство Марк Фесно.
Француската влада се обидува да ги задржи под контрола протестите на национално ниво на земјоделците кои бараат подобри приходи и услови за живот, од кои бројни ќе се соберат во понеделник во Париз.
Белгиските земјоделци, исто така, започнаа со протести во понеделникот, при што многу фармери ширум Европа се жалат дека Европската унија не прави доволно за да им помогне да се справат со меѓународната конкуренција и глобализацијата.
„Во следните 48 часа ќе има одредени мерки што ќе ги ставиме на маса“, изјави францускиот министер за земјоделство Фесно за TV France 2.
Фесно рече дека европскиот закон за обновување на природата усвоен минатата година е една од спорните области што Франција би сакала да ги промени за да им помогне на своите земјоделци.
Минатата година, Европскиот парламент донесе жестоко оспоруван закон за обновување на деградираните природни екосистеми. Земјите ќе мора да воведат мерки за обновување што покриваат една петтина од копнените и поморските области во Европската унија. Целта е да се стави крај на влошувањето на природните живеалишта во Европа, од кои 81 отсто се во лоша состојба.
Меѓутоа, многу земјоделци во земјите на Унијата предупредуваат дека освен што тоа не е оправдано може и силно негативно да се одрази врз нивното произовдство и сходно на тоа животниот стандард.