![hjundai](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2020/07/hjundai.jpg?resize=696%2C377&ssl=1)
„Хјундаи“ го потпиша договорот за продажба на своите две фабрики во Русија. Јужнокорејската компанија со тоа е и последниот производител на автомобили од светски ранг што ја напушти Русија, откако започна конфликтот со Украина.
Рускиот купувач, Арт-Фајненс, објави дека е завршена постапката на купување на фабриките на „Хјундаи“ во Сент Петерсбург и добиено е одобрение од руската влада и од агенцијата за спречување монопол.
Повеќето европски, јапонски и јужнокорејски производители го прекинаа производството и го напуштија рускиот пазар, откако Москва во февруари 2022 испрати војска во Украина. Продажбите најчесто се вршеа по номинална вредност, поради тоа што Русија примени заштитни механизми за да спречи парите да се изнесат од земјата.
„Хјундаи“ во декември објави дека планира да ги продаде руските капацитети по цена од 10.000 рубљи, или околу 103 евра, преземајќи загуба од близу 200 милиони евра. Производството во главната фабрика беше прекинато во март 2022 година.
Арт-Фајненс објави дека капацитетите на „Хјундаи“ станале дел од АГР Груп. Понатаму се наведува дека тие опфаќаат две фабрики за производство на компанијата лоцирани во Сент Петерсбург, фабрика во индустриската зона Каменка и фабрика во зоната Шушари.
Втората фабрика му припаѓаше на „Џенерал Моторс“ пред „Хјундаи“ да ја купи во 2020 година. Двете фабрики имаат капацитет за 300.000 возила годишно.
Сопственик на Арт-Фајненс е Андреј Павлович кој во мај 2023 ја купи и фабриката на концернот „Фолксваген“ во Русија. Фабриката е преименувана во АГР Аутомотив.
Арт-Фајненс наведе дека и фабриката на „Хјундаи“ ќе биде преименувана, откако ќе завршат правните процедури.
Кинеските производители го преземаа делот од пазарот што претходно им припаѓаше на западните марки автомобили. Откако почна да зајакнува домашното производство, се верува дека ќе опаѓа и високиот удел од 56 проценти на кинески марки возила.