По рекордниот штрајк на машиновозачите, патниците во Германија се соочуваат со уште два транспортни штрајка оваа седмица: синдикатот Verdi ги повика на штрајк работниците на безбедносните служби на аеродромите во четврток а вработените во јавниот транспорт низ целата земја, вклучително и во главниот град Берлин, во петок, беше објавено во вторникот.
„Како што стојат работите во моментов, сообраќајот ќе биде целосно во прекин на повеќето аеродроми во четврток“, соопшти управата на аеродромот Берлин-Бранденбург.
Според досегашните сознанија, нема да има полетувања или пристигнувања на авиони на големите аеродроми како Франкфурт, Хамбург, Берлин, Келн и Дизелдорф. Во штрајкот ќе учествуваат контролорите на летот, безбедносниот персонал во контролата на патниците и товарите, како и сервисните служби на аеродромите.
Синдикатот на работниците во јавните служби Verdi го оправда еднодневниот предупредувачки штрајк со досегашните одолговлекувања на преговорите за новите колективни договори со претставници на здружението на работодавачи за осигурување во авиосообраќајот.
Претходно Verdi ги повика околу 90.000 вработени во градските служби за јавен сообраќај на еднодневен предупредувачки штрајк во петок. Штрајкот го погоди јавниот транспорт во повеќе од 80 градови, вклучувајќи го и Берлин.
Во понеделник наутро предвреме заврши штрајкот на машиновозачите на Германските железници, кој минатата седмица го парализираше железничкиот сообраќај во Германија.