
Со потпишувањето на договорот за соработка со невладината организација „Мен енд Маунтен“ Макстил се приклучува на најмасовната еко акција, „Генералка викенд“. Во акциите за чистење на отпадот од општините, регионалните и магистралните патишта низ државата, организирани и координирани од „МАМ“, Макстил ќе учествува финансиски и со волонтерско вклучување на своите вработени.
Поддршката и учеството на Макстил во најголемата еко акција е продолжување на компаниската заложба за подигнување на свеста за еколошките прашања и за поттикнување на помасовно вклучување во еколошките акции, а дел од примената на позитивните ESG – еколошки, социјални и управувачки практики. Во склоп на овие практики Макстил спроведува мерки за намалување на влијанието врз животната средина со инвестирање во енергетски ефикасни технологии, намалување на создавањето отпад, користење рециклирани материјали и примена на концептот на циркуларна економија. Како дел од социјалните ESG практики, компанијата е посветена на поддршка на своите вработени преку различни програми и активности за поголемо вклучување во заедницата.
Акцијата за чистење на животната средина ќе се одвива во текот на третиот викенд од мај и тоа на целата територија на Македонија, при што ќе бидат опфатени 81 општина. Локациите каде што ќе се спроведува акцијата за чистење ќе бидат избрани и координирани со секоја од општините. Собраниот отпад заедно со општините и јавните претпријатија за комунален отпад, ќе се мери и подоцна ќе се носи во капацитетите за рециклирање или депонирање од страна на локалните компании за комунален отпад.