Столтенберг ги отфрли стравувањата дека реизборот на Трамп ќе го ослабне НАТО

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, во средата ги отфрли стравувањата дека реизборот на поранешниот американски претседател Доналд Трамп ќе ја ослабне одбранбената алијанса во моментот на обезбедување цврста поддршка за Украина.

Столтенберг рече дека ниту една секунда не верува оти претседателството на Доналд Трамп ќе го загрози американското членство во НАТО алијансата.

„Верувам дека САД ќе продолжат да бидат силен сојузник на НАТО, без оглед на исходот од изборите во САД, бидејќи тоа е во интерес на САД“, рече тој во интервју за CNN.

Републиканецот Трамп, жесток критичар на НАТО во неговите претседателски денови, се закани дека ќе ја повлече земјата од алијансата. Тој го намали финансирањето на НАТО за одбрана и бараше, како и неговиот претходник Барак Обама, европските сојузници да го зголемат издвојувањето за сопствената одбрана, повторувајќи дека САД плаќаат повеќе отколку што треба на штета на своите граѓани за сметка на благостојбата на сојузниците во Еврпа.

!Работев со него четири години и внимателно го слушав, а главната критика беше насочена кон тоа што сојузниците од НАТО одвојуваат премалку“, рече Столтенберг.

Генералниот секретар рече и дека во меѓувреме неколку земји-членки го зголемиле својот воен придонес.

„Значи, американската порака дека европските сојузници треба да придонесат повеќе е примена и тие навистина се движат во таа насока“, рече Столтенберг.

Трамп продолжи да ја критикува Алијансата, велејќи за време на викендот во текот на кампањата за републиканската претседателска номинација, дека не верува дека земјите од НАТО ќе ги поддржат САД во случај на напад, односно примената на одредбата на чекнот 5 од договорот за Северноатлантскиот сојуз.