Централниот совет на Евреите во Германија во вторник побара исклучување од универзитетот на студент кој физички нападнал и повредил колега само затоа што бил припадник на еврејската заедница во Берлин.
„Студент кој жестоко го тепа својот колега студент само затоа што е Евреин, нема што да бара на германски универзитет“, изјави претседателот на Централниот совет на Евреите во Германија, Јозеф Шустер и додаде дека универзитетите не смеат да станат „забранети“ области за Евреите.
Градоначалникот на Берлин, Каи Вегнер, го изрази своето чудење и револт од последниот антисемитски напад и побара од Слободниот универзитет, каде што се запишани и напаѓачот и жртвата, „да донесе соодветни мерки“.
Триесет годишниот студент со еврејско потекло Лахав Шапира, викендов бил нападнат на улица од неговиот 23-годишен колега од универзитетот, при што нападнатиот се здобил со физички повреди и бил пренесен во болница. Напаѓачот побегнал, но набрзо бил приведен. Полицијата соопшти дека пред тоа имало расправија за палестинско-израелското прашање.
Братот на нападнатиот, познат кабаретски изведувач во Берлин, Шахак Шапира, изјави дека напаѓачот и неговиот брат не се скарале, туку дека неговиот брат бил снимен како се обидува да истакен транспарент со портрети на луѓето киднапирани од Хамас на пропалестински протест, со што го навлекол гневот на самите пропалестински демонстранти.
Шахак Шапира, како и Унијата на еврејски студенти, го обвини Слободниот универзитет дека толерира насилни пропалестински немири на универзитетот во последните недели. Браќата Шапира се внуци на израелскиот спортист Амицур Шапира, кој беше убиен од палестински терористи во текот на Олимписките игри во Минхен во 1972 година.
Од нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година, во Германија се пријавени над 2.250 антисемитски напади.