Кинескиот технолошки гигант „Huawei Technologies“ го врати првото место на домашниот пазар на мобилни телефони во првите седмици од 2024 година, соборувајќи го американскиот „Apple“ од врвот, се вели во извештајот на „Counterpoint“.
Продажбата беше зголемена со моделот паметен телефон „Mate 60 Pro 5G“ на „Huawei“, лансиран минатиот август, а компанијата, исто така, може да се потпре на лојалноста на кинеските потрошувачи, заклучува компанијата за истражување на пазарите „Counterpoint“.
Така, „Huawei“ се врати на врвот на рангирањето првпат откако САД го ставија на црната листа во мај 2019 година, тврдејќи дека неговите производи претставуваат потенцијална закана за националната безбедност бидејќи Пекинг може да го користи за шпионажа. Компанијата ги негира овие тврдења.
„Apple“ сè уште е жестока конкуренција во Кина, како и компании како „Xiaomi“, „Vivo“ и „Oppo“.
Продажбата на мобилни телефони од високата класа во Кина се зголеми минатата година и покрај забавувањето на глобалниот пазар, истакнуваат од „Counterpoint“. „Apple“ водеше во првата половина од минатата година, но побарувачката ослабе во четвртиот квартал и „Huawei“ ја надмина.
Минатата седмица американскиот технолошки гигант објави дека во последните три месеца од минатата година, неговите приходи во „големата Кина“, која ги вклучува Хонгконг, Макао и Тајван, се намалиле за приближно 13 проценти.
За да привлече кинески клиенти, „Apple“ понуди попусти од 800 јуани (113 долари) пред кинеската Лунарна нова година.