Костадиновска-Стојчевска: Предлог – законот за управување со Охридскиот Регион е за зачувување на статусот светско природно и културно наследство

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска на јавната расправа за Предлог-законот за управување со природното и културното наследство на Охридскиот Регион, која се одржа во Националната и универзитетска библиотека „Свети Климент Охридски“, рече дека се дискутира за значајно законско решение кое ќе има придонес врз зачување на статусот на светското наследство на Охридскиот Регион.

„Овој Предлог-закон се изготвува согласно насоките наведени во Извештајот на Реактивната мониторинг-мисија на Центарот за светско наследство на УНЕСКО“, нагласи таа и додаде дека препораките на УНЕСКО главно се однесуваа за уредување на Комисијата.

„За ефикасно спроведување на надлежностите, Комисијата е конципирана во помал и компактен состав, со цел функционално и интегрирано управување со Охридскиот Регион, но и спречување на активности кои може да имаат негативно влијание врз неговата исклучителна универзална вредност“, рече Костадиновска-Стојчевска и дода де дека во Комисијата ќе учествуваат засегнати чинители, експерти и претставници од граѓанските организации од областите на природното и културното наследство.

„Со оглед на тоа што најсериозна закана за природното и културното наследство во Охридскиот Регион е засилената урбанизација на Старото градско јадро на Охрид и на крајбрежјето на Охридското Езеро, во надлежност на Комисијата е и издавањето мислења“, информираше министерката, појаснувајќи дека комисија за прв пат е формирана во 2018 година, иако Законот за управувањето со светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион е донесен во 2010 година.

Костадиновска-Стојчевска рече дека службите што ги изработуваат и издаваат заштитно-конзерваторски основи и другите акти треба да го подобрат квалитетот на овие акти, во согласност со меѓународните стандарди за непосредна заштита.

„Подготвеноста на стручните служби се основен предуслов за спречување на натамошното осиромашување на архитектонските и урбанистичките вредности на доброто, но и на сите содржини што го претставуваат културното наследство. Негрижата за културното наследство треба да биде санкционирана, и за имателите и за надлежните служби“, истакна министерката.
„Најзначајниот фактор за успех на координираното управување со Охридскиот Регион е цврстата и јасно изразена политичка волја на јавниот сектор, како и ангажманот на општините изразен како свесен избор на локалните власти, без разлика на видот на конфликтите и тешкотиите кои ќе се појавуваат во поединечните фази од процесот“, потенцираше Костадиновска-Стојчевска.