Европскиот парламент во средата со тесно мнозинство ја поддржа употребата на нови геномски техники во земјоделството, за кои нивните поддржувачи тврдат дека ќе ја поттикне таканаречената „зелена транзиција“ со создавање поотпорни растенија.
„Новите геномски техники даваат невидени можности за европското земјоделство и производство на храна“, се вели во објаснувањето на извештајот на шведската европратеничка Џесика Полфјард.
Извештајот беше усвоен со 307 гласови „за“, 263 „против“ а 41 европратеник беше воздржан.
„Ако сакаме Европската унија да биде пионер во новите технологии, потребна ни е регулаторна рамка што го овозможува тоа“, рече Полфјард ден претходно во текот на дебатата во Европскиот парламент.
Во извештајот се наведува дека употребата на нови геномски техники ќе ја зголеми еластичноста на системот за храна, бидејќи растенијата добиени со нови геномски техники ќе бидат поотпорни на климатските промени и штетници и ќе бараат помалку ѓубрива или пестициди.
„Овие типови нови растенија, во комбинација со релативно едноставната и брза применливост на овие нови техники, би можеле да донесат придобивки за земјоделците, потрошувачите и животната средина“, се вели во извештајот.
Предлагачите сметаат дека треба да се воведат две категории растенија добиени со нови геномски техники – во моментов сите подлежат на истите правила како и генетски модифицираните организми (ГМО). Притоа, втората категорија ќе подлежи на истите правила како ГМО, додека растенијата со одредени модификации (првата категорија) ќе се сметаат за конвенционални растенија.
Во исто време, едно од барањата е „бројот на генетски модификации што следат, а кои може да се комбинираат една со друга, да не надминува три во која и да е протеинска секвенца за кодирање, имајќи предвид дека се исклучени мутациите во интроните и регулаторните секвенци од овие гранични вредности“.
Комесарот за еднаквост на Европската комисија, Хелена Далим во вторникот рече дека споменатиот предлог „овозможува иновации без да се загрози безбедноста“.
Некои од европратениците сметаат дека „новите геномски техники треба да подлежат барем на истите правила како старите геномски техники“.
Според нив, станува збор за дерегулација на генетски модифицираните организми и производите добиени од нив. Со донесувањето на овој закон започнува уште еден нов масовен експеримент врз населението, граѓаните и потрошувачите, но и врз целата природа и биосфера, кои ќе бидат непоправливо загадени со генетски модифициран материјал, смета некои од европратениците кои учествуваа во дебатата во вторникот.
Усвоениот извештај е основа за преговори меѓу Европскиот парламент и земјите-членки на Европската унија.