Во Багдад убиен командант на Катаиб Хезболах

Наводно високо поициониран командант на ирачката шиитска формација Катаиб Хезболах, Абу Бакир ал-Сади, е убиен во напад со беспилотно летало врз возило во источен Багдад во средата вечерта, соопштиле за Reuters два безбедносни извора.

Пентагон ја обвини оваа вооружена формација која дејствува во Ирак со нападот во јануари во кој загинаа тројца американски војници во близина на јорданско-сириската граница.

На крајот од јануари Катаиб Хезболах, која тесно соработува со Иран, објави во вторникот вечерта дека ги запира привремено своите воени операции против американските сили во регионот. Катаиб Хезболах ја донесе оваа одлука по неколкудневните интензивни напори на ирачкиот премиер да спречи ескалација по нападот во Јордан.

САД изминатиот викенд ги нападнаа проиранските ирачки групи во Ирак и Сирија, заканувајќи се дека тоа е „само почеток“.

Еден од изворите на Reuters рокол дека во нападот во Багдад загинале три лица и дека возилото го користеле ирачките сили за Народна мобилизација (PMF), државна безбедносна агенција составена од десетици вооружени групи. Катаиб Хезболах претставува главен ударен дел на PMF.

Американските власти не одговориле на барањето на Reuters за коментар за нападот.

Катаиб Хезболах е најмоќната фракција на Исламскиот отпор во Ирак, кровна организација на шиитските вооружени фракции кои ја презедоа одговорноста за повеќе од 150 напади врз американските сили во Ирак и Сирија од почетокот на војната во Газа. САД одговорија со напади во Сирија и Ирак.

Основана по американската инвазија на Ирак во 2003 година, Катаиб Хезболах е една од елитните вооружени фракции на Ирак блиски до Иран, која го понесе главниот товар на војната на копно во борбата против ултрарадикалната сунитска групација Исламска држава и нејзиниот пораз во ноември 2017 година.

Иран негира вмешаност во нападите на ирачките групи, тврдејќи дека сите членови на таканаречената Оска на отпор планираат и извршуваат операции независно.

Ирачката влада е поддржана од партиите и милициите на шиитското мнозинство, иако не директно од групите што ги напаѓаат американските сили, велат западните и ирачките претставници. Багдад ги осуди нападите, но и предупреди дека регионалната ескалација ќе продолжи сѐ додека трае војната во Појасот Газа.