Зеленски му го додели на Залужни највисокото признание „Херој на Украина“

Претседателот Володимир Зеленски во петокот му го додели орденот „Херој на Украина“ на поранешниот армиски началник, генерал Валериј Залужни, ден откако беше отповикан во, како што се толкува во западните медиуми, најголемото преструктуирање досега во војната со Русија.

Залужни, популарна личност која ги водеше воените напори на Украина во текот на руската инвазија, во четвртокот беше заменет на челната позиција во украинската армија, со командантот на копнените сили, генерал-полковник Олександр Сирски.

Одлуката да му се додели на Залужни највисоката државна награда на Украина треба да сигнализира дека тимот на Зеленски се обидува да сигнализира единство и почит кон Залужни откако тој го смени од командантот на вооружените сили. Тоа беше објавено во указот на веб-страницата на претседателот.

Анкетите покажаа дека Залужни ужива поголема доверба во јавноста од Зеленски. Украинските медиуми уште летото 2023 година пишуваа дека поради поголемото влијание што го има генералот меѓу војниците и граѓаните од шефот на државата, како и разликите во начинот на водење на борбата се појавиле жестоки спротиставувања меѓу Зеленски и Заслужни, како и дека уште тогаш првиот бил решен да го острани врховниот армиски командант.

Сè уште нема цврсти податоци за реакцијата на јавноста за неговото отпуштање, но многу Украинци на социјалните мрежи отворено ја доведуваат во прашање одлуката за смената на Заслужни.

Смената во украинскиот воени врв следи по неколкумесечните шпекулации за јазот меѓу двете најистакнати воени личности во Украина во врска со нивните визии за војната против Русија, која ќе влезе во третата година.

При објавувањето на промените во четвртокот, Зеленски рече дека нема политика во потегот и дека чувствува потреба за обнова на вооружените сили по неуспехот на копнените операции на Украина во 2023 година.

Украинските сили започнаа контраофанзива минатото лето, но не успеаја да ги пробијат добро одбранетите руски линии. Оттогаш, новиот витален пакет на американска воена помош беше одложен со месеци од страна на републиканската конгресна опозиција. Според американските медиуми, тогаш се појавиле и разликите меѓу стратегијата на Заслужни и на американските воени функционери, односно дали руската одбрана да биде пробиена со силни единици длабоко во заднината на фронтот или да биде напаѓана на повеќе правци истовремено.