-Малата инволвираност на жените во општеството, не значи само загуба за самите жени, туку значи загуба за целото општество, порача гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска во интервју за „Блумберг Адриа“. Согласно спроведената анализа на Светската банка, економиите во регионот на Западен Балкан губат во просек околу 18 отсто од БДП поради помалата вклученост на жените во економијата. За да се подобрат состојбите потребен е холистички пристап во креирање на политики кои ќе го подобрат квантитативното и квалитативното учество на жените во работната сила, а со тоа ќе се придонесе кон економскиот раст и унапредување на животниот стандард, истакнува гувернерката.
Стапката на активност на жените во регионот на Западен Балкан во просек е околу 45%, додека во ЕУ оваа стапка е околу 70%, вели гувернерката Ангеловска-Бежоска. Кај нас, податоците се слични, со стапката на активност на жените од околу 45-46%, за разлика од стапката на активост кај мажите којашто е околу 65%, што покажува голем јаз од околу 20 п.п. „Не само што жените се помалку активно вклучени на пазарот на трудот, туку и оние кои се вклучени, се помалку застапени во управувачките структури во корпоративниот сектор, во јавниот сектор и слично. Ако ги погледнеме последните податоци објавени од страна на Берзата, учеството на жените во раководните структури, во котираните компании во 2023 година е околу 23%, што е релативно мала бројка“, истакнува гувернерката.
Таа посочува и на податоците дека кај нас учеството на работоспособното население во вкупното население низ годините се намалува, што укажува дека постои структурен проблем со недостиг на човечки потенцијал, кој е еден од клучните фактори за раст. Од друга страна, има голем потенцијал кај жените кои не се активни. Оттаму, треба да се преземат политики за нивно активирање на пазарот на труд.
Народната банка во соработка со ЕБОР ќе работи на проект во насока на поголема финансиска инклузија на жените, најавува Гувернерката. Народната банка ќе биде национален координатор на овој проект, во кој ќе бидат вклучени повеќе институции, во зависност од надлежностите. Целта на проектот е да се овозможи поголема вклученост на жените во општеството, особено да се помогне на жените во сферата на претприемништвото, што подразбира поголем пристап до финансии.
Ангеловска-Бежоска истакна и дека НБРМ е добар пример во земјата, но и во меѓународни рамки, каде застапеност на жените е висока, вклучително и во раководните функции, во просек околу 70%. Ова е препознаено и неколку години наназад од страна на британскиот тинк-тенк ОМФИФ, кој ја рангира нашата централна банка како прва во светот според број на раководни позиции исполнети од жени.