Николоски: Поделбата на средствата за општините ќе се прави според бројот на жители и економски перформанси, независно од која партија е градоначалникот

-Во Македонија има еден феномен, а тоа е дека ако централната и локалната власт не се од иста политичка партија, тешко оди соработката, така да ова што ќе го кажам не е само за сега, мора да сме објективни. Факт е дека во овој момент, таму каде што има градоначалници кои се од ВМРО-ДПМНЕ, тешко оди соработката со централната власт. Ние би сакале конечно да го надминеме тоа, затоа што на крај се работи за истите луѓе насекаде низ државата, истакна за време на денешната посета на Прилеп потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, одговарајќи на новинарско прашање околу начинот на поделба на средствата за општините по формирање на новата влада на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој додаде дека поделбата на средствата за општините ќе се прави врз основа на бројот на жители и економскиот перформанс на општината, а не според тоа од која политичка партија е градоначалникот.

„Поделбата на средства ќе оди според број на жители и економски перформанс на општината. Ако на пример, во општина Струмица има градоначалник од СДСМ, секако дека и таму ќе влезат средства како што ќе влезат и во општина Прилеп. Мислам дека е дојдено време во Македонија, да бидам директен, малце е и заминато, да престанеме веќе да зборуваме за основни инфраструктурни проекти и еднаш засекогаш тоа да го завршиме и да зборуваме за малку понапредни визии, за концепти за иднината да фатиме чекор со развиениот свет. Да ги завршиме овие прашања во следните 4 години и да можеме да зборуваме за многу побитни работи од типот на брзи пруги, на лесно патно поврзување, вештачка интелигенција итн. Тоа е иднината и мора да фатиме чекор со иднината, но за да го направиме тоа мора прво да ги средиме општините и инфраструктурата и затоа го планираме овој силен инвестициски циклус“, потенцираше Николоски.

Тој додаде дека наместо мешање на централната власт, треба да се остави општините сами да решаваат, бидејќи најдобро си ги знаат проблемите и потребите.

„Мислам дека треба да престане политиката на одлучување, популарно наречено „од Скопје“. Мислам дека многу подобро градоначалникот тука, советот и пратениците знаат кај да ги потрошат парите отколку, ние да седнеме во кабинет во Скопје и да кажеме, мислиме за Прилеп дека е најдобро булевар да се гради, а булеварот на пример не е потребен, туку потребно е нешто друго што градоначалникот ќе одлучи, како на пример, училиште“, додаде Николоски.