На 13 февруари завршува рокот на важност на документите на кои стои Република Македонија

Од 13 февруари 2024 година престануваат да важат патните исправи и возачките дозволи на кои стои името Република Македонија и во важност ќе бидат само патни исправи и возачки дозволи со Република Северна Македонија, информира денеска Министерството за внатрешни работи.

-Согласно веќе донесените законски измени, во врска со Преспанскиот договор, престануваат да важат патните исправи со името Република Македонија и во важност ќе бидат само патни исправи со името Република Северна Македонија. Ги замолуваме граѓаните со стари патни исправи воопшто да не се обидуваат да излезат од нашата држава затоа што тоа нема да биде возможно. Граѓаните со двојно државјанство ќе можат непречено да ги користат патните исправи од другата држава. Исто така, потенцираме дека било кој граѓанин на Република Северна Македонија кој ќе дојде на граничен премин за влез во нашата држава, ќе биде примен без оглед на тоа со каква патна исправа доаѓа, се наведува во соопштението на МВР.

Од МВР известуваат дека возачките дозволи во државава и надвор од неа ќе важат само со името Република Северна Македонија, додека пак личните карти, ќе важат и по 13 февруари, без оглед дали се со името Република Македонија или Република Северна Македонија и граѓаните ќе можат да ги користат непречено на територијата на нашата држава.

-За излез, пак, од државата во земјите со кои имаме билатерални договори за патување со лична карта, граѓаните нема да бидат враќани од страна на нашите гранични полициски службеници доколку имаат лична карта со името Република Македонија, но не можеме да гарантираме дека ќе бидат примени од другите држави. Истото важи и за сообраќајните дозволи, како и за личните карти, појаснуваат од МВР.