
Младиот Италијанец Лучијано Дардери кој за неколку дена ќе наполни 22 години е победник на АТП тенискиот турнир во Кордоба, откако во финалето го победи 12 години повозрасниот Аргентинец Факундо Багнис со 6-1, 6-4.
Дардери е сензационалниот победник на турнирот во Кордоба бидејќи до титулата стигна од квалификациите, но уште поневеројатно е што до пред оваа седмица одигра само три меча на АТП ниво и забележа една победа со два пораза. До овој турнир тој беше 136. играч во светот, а најдобар пласман му беше 124. место. Интересно, иако има италијанско државјанство, Дардери е роден во Аргентина, па првата титула во кариерата ја постигна практично на домашен терен.
Од друга страна, Багнис, кој на крајот на овој месец ќе наполни 34 години, од квалификациите стигна до финалето во Кордоба. Пред неделата тој беше само 207. играч во светот, но во текот на својата долга кариера беше и на 55. место на АТП ранг листата. Сепак, допрва ќе треба да ја чека првата титула, ова му беше второ финале во кариерата и втор пораз, пред три години загуби од Чилеанецот Кристијан Гарин во финалето на Сантијаго.