Инфлацијата во САД забавила во јануари, покажа во вторникот објавениот извештај на Министерството за труд, бидејќи бензинот повторно силно поевтини, по краткорочното стабилизирање на цените на крајот од 2023 година.
Годишната стапка на инфлација во најголемата светска економија во јануари изнесувала 3,1 отсто, покажуваат податоците на Министерството. Во декември таа изнесуваше 3,4 отсто.
Ова ја врати инфлацијата на нивото од ноември, по краткорочното забрзување на самиот крај од минатата година, што се одрази на стабилизирање на цените на бензините.
Без цените на храната и енергијата, базичната инфлација изнесувала 3,9 отсто, исто како и во декември, покажуваат пресметките на Министерството.
Цените на бензинот на почетокот на годината се пониски за 6,4 отсто од пред една година. Во декември нивниот пад нагло забави, на само 1,9 отсто. Во ноември беа намалени за дури 8,9 отсто.
На годишно ниво цената на маслата за ложење повторно забележа забележителен пад, за 14,2 отсто, иако нешто поблаг од декември.
И гасот бил значително поевтин отколку на почетокот на 2023 година, за речиси 18 отсто, покажуваат табелите на министерството. Во декември беше за речиси 14 отсто помалку од една година порано.
На почетокот на годинава за храна требало да се издвојат 2,6 отсто повеќе од пред една година, речиси исто како и во декември.
На месечно ниво, растот на цените благо забрзал во јануари, на 0,3 отсто, по растот од 0,2 отсто во претходниот месец, соопшти Министерството. Кога ќе се исклучат енергијата и храната, тие се зголемени за 0,4 отсто, нешто посилно од декември.