Израелските жртви на нападот на 7-ми октомври ќе побараат од МКС да го истражи Хамас

Израелските преживеани од нападите на 7-ми октомври и роднините на жртвите ги засилуваат напорите обвинителот на Меѓународниот кривичен суд (МКС – ICC) да ги истражи злосторствата на Хамас, како дел од неговата истрага за нападите и одговорот на Израел во Појасот Газа.

„Сакаме да се погрижиме светот да дејствува и нивната слобода да биде ограничена“, рече Уди Горен, роднина на 41-годишниот Тал Хаими, кој беше киднапиран на 7-ми октомври, за палестинската исламистичка група Хамас. Подоцна беше потврдено дека Хаими е убиен, а неговото тело сѐ уште е во Газа.

Израелските преживеани од нападот на Хамас на 7-ми октомври и семејствата на жртвите бараат судот да издаде налози за апсење на лидерите на Хамас.

„Сакаме да се увериме дека лидерите на Хамас се приведени или дека повеќе не можат да го напуштат Катар и тоа ќе изврши притисок врз нив да ги ослободат заложниците“, рече Горен на израелскиот аеродром „Бен Гурион“.

Горен беше таму со група од околу 100 членови на семејството на заложниците и преживеаните, кои се подготвуваа да отпатуваат до седиштето на МКС во Хаг, пишува Reuters.

Израел не е член на МКС и не ја признава неговата јурисдикција. Сепак, обвинителот Карим Кан рече дека неговиот суд има јурисдикција за можни воени злосторства извршени од Хамас во Израел и од Израелците во Појасот Газа.

Израелска група во име на жртвите ќе поднесе извештај за можни воени злосторства пред тробуналот во Хаг. Целта на правните документи е да му дадат информации на обвинителството како дел од пошироките напори да го натера МКС да дејствува против лидерите на Хамас.

Адвокатката Јаел Виас Гвирсман, која застапува друга група израелски жртви, изјави за Reuters дека неколку нејзини клиенти директно сведочеле за истражителите на МКС во Хаг минатата седмица, што е знак дека истрагата се движи напред.

„Тоа беше значаен следен чекор за истрагата. Инспекторите седеа со жртвите неколку часа за да ги слушнат личните извештаи од клучните очевидци на неколку места на злосторства во нападите на 7-ми октомври“, рече Виас Гвирсман, која застапува 200 израелски жртви од 42 различни семејства пред МКС.

На 7-ми октомври Хамас го нападна јужниот дел на Израел, убивајќи 1.200 Израелци и киднапирајќи околу 240 други, според израелските податоци.

Упадот предизвика израелска воена офанзива во Газа, која го уништи најголемиот дел од густо населената енклава на брегот на Средоземното Море, при што загинаа повеќе од 28.000 Палестинци, според официјални лица од Министерството за здравство на Газа.

Случајот во МКС е одделен од тужбата за геноцид што беше покрената против Израел во Меѓународниот суд на правдата (МСП – ICJ), исто така, лоциран во Хаг.