Столтенберг му порача на Трамп дека не треба да се поткопува силата за одвраќање на НАТО

Во изминатите 75 години, НАТО можеше да спречи воен напад врз која и да е од своите членки благодарение на јасната комуникација дека Алијансата е тука за да ги брани своите членки, и затоа секоја сугестија дека нема да се заштитиме меѓусебно ја поткопува безбедноста на сите ние, рече во средата генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

„Целта на НАТО е да спречи војна, да го зачува мирот, да спречи напади врз сојузничките земји и тоа го правевме со децении затоа што нашата моќ на одвраќање беше веродостојна. Затоа, секоја сугестија дека нема да се заштитиме меѓусебно ја поткопува безбедноста на сите нас и ги зголемува ризиците“, рече Столтенберг на прес-конференција запрашан да ги коментира неодамнешните изјави на веројатниот републикански кандидат на претстојните претседателски избори во САД, Доналд Трамп.

Трамп рече дека САД како најголем патриципиент во колективната безбедност на НАТО нема да им помогнат на оние земји кои не плаќаат два отсто од својот бруто домашен производ (БДП) за својата одбрана како што е договорено пред речиси десет години и, како што беше пренесено, дека згора на тоа дури ќе поттикне напад врз тие членки.

Столтенберг рече дека неговата порака до Трамп е дека кредибилитетот на силите за одвраќање на НАТО не треба да се поткопува.

„Ова важи и за способностите во кои инвестираме, но и за начинот на кој комуницираме, бидејќи нашите противници ја имаат на ум нашата моќ за одвраќање. Не треба да оставиме простор за погрешни пресметки или недоразбирање во Москва за нашата подготвеност, посветеност и решителност да ги заштитиме сите сојузници“, рече генералниот секретар.

Столтенберг го повтори главниот принцип на кој почива НАТО, а тоа е дека нападот врз една членка носи одговор од целата Алијанса.

„Сѐ додека стоиме заедно зад оваа порака, спречуваме каков и да е напад врз некоја од нашите членки. Затоа, важно е ова јасно да го пренесеме со зборови и дела“, рече Столтенберг.

Додаде дека денес нема непосредна закана за сојузниците во НАТО поради оваа одредба и затоа што Алијансата значително ја зголемила својата колективна одбрана од 2014 година. Рече и дека „тоа е поттикнато од руската нелегална анексија на Крим“.

Столтенберг рече дека НАТО ќе продолжи силно да ја поддржува Украина, ја поздрави одлуката на ЕУ за пакетот помош во заеми од 50 милијарди евра во следните неколку години и го повика американскиот Конгрес, исто така, да ја одобри помошта.

„Тоа не е милостина, тоа е инвестиција во нашата безбедност“, рече генералниот секретар.

Главна тема на состанокот на министрите за одбрана на земјите-членки на НАТО е натамошната поддршка на украинските воени напори и распределбата за одбраната. Земјите-членки поставија цел да издвојат минимум 2 отсто од својот БДП за трошоците за одбрана, а годинава, како што рече претходно во средата Столтенберг, ќе ја достигна 18 од 31 земја членка.

Во среда попладне ќе има состанок на контакт групата за Украина, која здружува 500на земји под водство на САД. Дел од учесниците ќе бидат физички присутни, а дел ќе учествуваат на средбата преку видео врска. Во четврток Северноатлантскиот совет се состанува на ниво на министри за одбрана, а потоа и Советот НАТО-Украина.