Во израелските напади врз Либан убиени четворица, од кои две деца

Четири лица се убиени а десетина други се ранети во серијата израелски напади врз селата во јужен Либан во средата, соопштија два либански безбедносни извора, додека Израел тврди дека наводно одговорил на ракетен истрел на Хезболах со воздушни напади и бомбардирања.

Во израелскиот напад на селото Ал-Савана загинаа една жена и нејзините две деца, велат изворите на Reuters, додавајќи дека единаесет лица се ранети на југот на Либан, а материјалната штета е огромна.

Хезболах објави дека еден од неговите борци е убиен во напад врз друг град во јужен Либан.

Размената на оган меѓу Хезболах и израелската армија трае повеќе од четири месеци, откако либанската шиитска вооружена групација лансираше ракети преку границата како поддршка на сунитското исламистичко движење Хамас, против кој инаку војуваше изминатите години на некои од блискоисточните боишта, кој ланскиот 7-ми октомври од палестинската енклава Појасот Газа изврши ненадеен масовен и брутален напад врз воени бази, населби и градови во јужен Израел.

Хезболах, според својата вообичаена практика, не извести за никави борбени операции во средата. Нивниот претставник изјави дека денешните израелски напади на либанска територија „не можат да останат без одговор“.

Илана Стајн, портпаролката на израелската влада, во средата на новинарите им ја потврди информацијата на израелскава војска за наводни напади од правец на Либан.

„Секогаш јасно кажувавме дека Израел не е заинтересиран за војна на два фронта, но ако бидеме испровоцирани, жестоко ќе одговориме. Сегашната ситуација, мноштво раселени Израелци кои не можат да се вратат во своите домови, е неподнослива. Тие мора да можат да се вратат дома и да живеат во мир и безбедност“, рече таа.

Стајн и израелската војска во средата потврдија дека војската одговорила на прекуграничниот ракетен истрел од Либан.