Ефектите од овој закон за Митилинеос се катастрофални за Македонија, бројките се фрапантни и ќе доведат до финансиски колапс на државата, порача универзитетскиот професор Атанаско Туневски во вечерашната Топ тема на Телма.
-На Митилинеос му се дава државна помош од 50 милиони евра во кеш, плус исто како државна помош може да се смета што му се дава плац од 115.000 метри квадратни, тоа се 20 фудбалски игралишта, со закуп од само 10 денари по метар квадратен месечно, или вкупен закон од 2 евра годишно по метар квадратен, што е повторно државна помош затоа што во тирз-овите тој закуп чини 4 евра. Митилинеос ќе плаќа под 2 евра, а сите други ќе плаќаат 4 евра. значи тоа е вториот тип на државна помош. Третиот и најважен тип на државна помош е тоа што му се гарантира дека сета струја и сета топлина да му се купи, и тоа по цени коишто се 15 до 35 отсто повисоки од берзанските, рече професорот Туневски.
Вели дека секој трговец знае што значи да се купи гарантирано количество, а тоа значи дека сѐ што ќе произведе Македонија ќе мора да го купи.
-Кога не ни треба топлина, ќе ја плаќаме, кога не ни треба струја ноќно време, во некои ноќни периоди Македонија и извезува струја, сеедно што Македонија во одредени ноќни периоди извезува струја има обврска од Митилинеос да купува струја. Значи, ние сето тоа непотребно ќе го плаќаме и на годишно ниво тоа непотребно плаќање е 20 милиони евра, рече Туневски.
Професорот Туневски инсиситира дека според пресметките кои ги направиле универзитетските професори Македонија од договорот со Митилинеос ќе изгуби 35 милиони евра, додека пак вицепремиерот за економски прашања Битиќи негира и тврди дека би заработила 10 милиони.
-Ако би оделе според пресметката која што професорот сака да ја каже, Македонија ќе ја чинело, значи да сме ја имале Митилинеос пред 2 години, цела 2022 и 2023, Македонија според нив би изгубила 35 милиони евра. Според пресметката на Митилинеос, формулата која што е испреговарана и ни е дадена, ние би заработиле 10 милиони евра, рече Битиќи