Унгарија беше единствената земја-членка која одби да го потпише 13-тиот пакет санкции на ЕУ против Русија за време на состанокот на амбасадорите на блокот во средата, објави Фајненшл тајмс.
ЕУ се обидува да постигне одобрение за пакетот, за кој е потребна поддршка од сите земји-членки, пред 24 февруари, втората годишнина од започнувањето на руската воена операција во Украина. Предложените ограничувања, наводно, ќе бидат насочени кон 200 поединци и ентитети, повеќето од Русија. Сепак, за првпат од ескалацијата на почетокот на 2022 година на долготрајните тензии Киев-Москва, азиски фирми – три кинески и една индиска – се вклучени на списокот.
Брисел ги обвинува четирите компании дека и помагаат на Москва да ги избегне ограничувањата на ЕУ, главно со снабдување со компоненти што може да се пренаменат за употреба во беспилотни летала и други системи за оружје.
Унгарија, која беше постојан критичар на снакциите кон Русија и на воената помош на ЕУ за Украина, „не се согласи со новиот пакет санкции поради тоа што и кинески компании се на листата“, изјави неименуван функционер за ФТ во четвртокот.
Унгарија го блокираше пакетот велејќи дека ѝ треба „малку повеќе време за да се анализира содржината на предлозите“, нагласи цитираниот функционер.
Разговорите за зголемување на санкциите кон Русија ќе продолжат следната недела, велат изворите.
Кина реагираше на извештаите дека нејзините фирми би можеле да бидат на црната листа на ЕУ, велејќи дека ги отфрла „незаконските санкции“ и вети дека ќе ги заштити интересите на кинеските компании.
Будимпешта ја осуди воената операција на Москва, но се воздржа од испорака на оружје за Украина, а истовремено повика на дипломатско решение на кризата. Исто така, постојано вели дека санкциите и штетат на самата ЕУ повеќе отколку на Русија.
Со месеци, унгарските власти се спротивставија на притисокот од Брисел и продолжија да го блокираат потегот на ЕУ да му обезбеди на Киев уште 50 милијарди евра помош, наведувајќи дека е потребен механизам за контрола на тоа како Украина ќе ги користи парите. Пакетот на крајот беше договорен меѓу земјите-членки на почетокот на овој месец и се очекува да биде одобрен од Европскиот парламент до крајот на месецот.