Затворен огласот за доделување ваучери за одмор за работници со ниски приходи, за 5 дена пристигнале 3.600 апликации

Поради големиот број на пристигнати апликации – над 3.600, Министерството за економија донесе одлука денеска во 15:30 часот да го затвори јавниот повик за организирање на одмор за работници со ниски приходи за 2024 година.

Јавниот повик беше објавен на 12 февруари на веб-страницата на Министерството за економија и во два печатени медиуми, а крајниот рок за аплицирање за овој оглас беше 29 февруари 2024 година.

-Заклучно со денешниот ден, за пет дена од објавување на огласот во Архивата на Министерството за економија и по пошта пристигнати се над 3.600 апликации. Се очекува оваа бројка на апликации дополнително да се зголеми со барањата кои ќе пристигнат по пошта во наредните денови, велат од Министерството за економија.

За оваа мерка, како што нагласуваат, од буџетот на Министерството за економија се обезбедени средства во износ од 64 милиони денари со кои беше предвидено да се издадат вкупно 3.555 потврди-ваучери за одмор за работници со ниски приходи.

Согласно Јавниот повик, се доделува потврда-ваучер од 18.000 денари за сите физички лица кои се вработени и нивните месечни примања во семејството не го надминуваат нето приходот од 50.000 денари, кои ќе аплицираат за оваа мерка по принципот „прв дојден-прв услужен“ и во прилог на барањето да имаат комплетна документација согласно јавниот повик. Работниците одморот треба да го користат во домашните сместувачки капацитети пред или по завршувањето на шпицот на туристичката сезона.