
Израелската армија мора да спроведе операција во Рафах, каде што се засолниле околу 1,4 милиони Палестинци, во спротивно ќе ја „изгуби војната“ против Хамас, изјави израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху на сабота
На прес-конференција во Ерусалим, Нетанјаху рече и дека израелската армија ќе изврши операција во Рафах дури и во случај на договор со Хамас за ослободување на заложниците кои сѐ уште ги држи ова палестинско движење во еклавата Појасот Газа.
По офанзивата на градот Газа, а потоа и на Кан Јунис, Израел се подготвува да влезе во Рафах, последниот голем град во Појасот Газа на крајниот југ на тесната крајбрежна енклава, што предизвикува сериозни стравувања за судбината на цивилното население кое нашло засолниште таму.
Американскиот претседател Џо Бајден, чија земја е главен поддржувач на Израел, во петокот потсети дека операцијата во Рафах „не треба да се одвива без кредибилен план“ за заштита на цивилите. Францускиот претседател Емануел Макрон предупреди дека операцијата во тој град ќе доведе до „невидена хуманитарна катастрофа“.
„Кој сака да нѐ спречи да ја извршиме операцијата во Рафа, всушност ни вели да ја изгубиме војната. Јас нема да му се предадам на тоа“, нагласи израелскиот премиер.
Нетанхају, исто така, рече дека борбите во Газа ќе продолжат сѐ додека не се исполнат сите цели. Што се однесува до преговорите, за Нетанјаху тие можат да продолжат кога Хамас ќе ги промени своите барања, кои во овој момент ги нарече „заблуди“.
Израелскиот премиер ја отфрли идејата за одржување предвремени избори откако и во оваа сабота вечерта илјадници Израелци се собраа во Тел Авив на антивладини протести. Нетанјаху бележи пад на неговата популарност во анкетите по нападот на Хамас на 7-ми октомври што ја предизвика разорната војна во Газа.
Антивладините протести што ја потресуваа земјата во поголемиот дел од 2023 година, во голема мера згаснаа за време на војната. Сепак, демонстрантите повторно излегоа на улиците на Тел Авив во саботата навечер повикувајќи на нови избори, кои не треба да се одржат пред 2026 година. Масата демомнстранти беше многу помала отколку на минатогодишните масовни протести, а локалните медиуми јавуваат дека се собрале неколку илјади луѓе.
„Би ѝ порачал на владата: имавте време, уништивте сè што можете да уништите. Сега е време народот да ги исправи сите работи, сите лоши работи што сте ги направиле“, изјави за израелските телевизиски екипи еден од демонстрантите, со главата завиткана во израелско знаме.
Нетанјаху на брифингот со новинарите беше прашан за повиците во неговата владејачка партија Ликуд за одржување предвремени избори штом ќе заврши војната во Газа.
„Последното нешто што ни треба во моментов се изборите и справувањето со изборите бидејќи тоа веднаш ќе нѐ подели. Во моментов ни треба единство“, рече Натанјаху,