Тошковски бара брзо расчистување на случајот со полицаецот кој нападна колега

По информацијата дека полицаец нападнал колега во познато скопско кафуле, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, на својот Фејсбук профил го осуди инцидентот.

„Во однос на инцидентот кој се случи изутринава пред угостителски објект на територија на СВР Скопје, а во кој биле инволвирани полициски службеници, сакам да ја известам јавноста дека најостро осудувам секаков вид на насилство, а особено кога тоа е сторено од вработени во Министерството за внатрешни работи. За наведениот настан веднаш е известен надлежен јавен обвинител кој даде насоки по кои во моментов се постапува, а од страна на надлежните служби во министерството побарав максимално професионално и согласно стандардните оперативни процедури да се постапи, се со цел во најбрз можен рок да се расчисти овој случај, а за исходот од преземените дејствија веднаш ќе биде известена јавноста“, напиша министерот.

Според информацијата од МВР, во познато кафуле во центарот на Скопје синоќа во 00:40 часот по полноќ полициски службеник Ивица Б. бил приведен од припадници на Единицата за недозволена трговија при СВР Скопје.

„Полициски службеници од Единицата за недозволена трговија при СВР Скопје го лишиле од слобода И.Б.(43) од Скопје, полициски службеник кој не бил на должност, затоа што физички нападнал полициски службеник кој извршувал службени дејствија. Лицето било приведено во полициска станица и по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава“, информира МВР.