Штрајк на аеродромскиот персонал на германска „Lufthansа“

Копнениот персонал на германската авиокомпанија „Lufthansа“ во вторник ќе штрајкува со барање за повисоки плати, а ќе бидат погодени аеродромите во Франкфурт, Минхен, Хамбург, Берлин, Дизелдорф, Келн и Штутгарт, објави синдикатот Verdi.

Оваа нова протестна акција ќе го погоди германскиот транспортен сектор, а синдикатот најави дека штрајкот треба да започне во 4 часот наутро во вторник и да заврши во 7 и 10 часот во среда.

Членот на извршниот одбор на „Lufthansа“ одговорен за човечки ресурси, Михаел Нигеман, рече дека штрајкот е несреќен исход за клиентите и персоналот, бидејќи германскиот авиопревозник дал „далекосежна“ понуда за време на разговорите што синдикатот Verdi ги отфрли. Сличен штрајк на почетокот на февруари предизвика откажување на 900 од 1.000 планирани летови со што беа погодени околу 100.000 патници.

Огранокот за копнени услуги е меѓу неколкуте групи работници на „Lufthansа“ кои преговараат за колективни договори. Синдикатот Verdi бара зголемување на платите за 12,5 отсто за вкупно 25.000 вработени во компанијата кои работат на аеродромите. Тоа се најмалку 500 евра повеќе месечно, плус еднократна исплата од 3.000 евра како компензација за инфлацијата.

Германија, најголемата според обемот европска економија, неодамна беше погодена од серија штрајкови кои ги погодија воздушниот сообраќај, железницата и јавниот транспорт.