Европската комисија (ЕК) ќе го казни американскиот технолошки гигант Apple со 500 милиони евра поради наводно прекршување на законот за конкуренција на Европската унија, објави Financial Times (FT), повикувајќи се на анонимни информирани извори.
По официјалната жалба од компанијата Spotify, Брисел првпат започна истрага во 2019 година во врска со наводите дека Apple се мешал во конкурентните музички услуги на неговите уреди и ја фаворизирал сопствената услуга Apple Music, пренесе Политико.
Во повеќето региони, правилата на App Store на Apple им забрануваат на компаниите како Spotify да им наплаќаат на корисниците за претплати директно во апликацијата.
Компаниите се принудени да ја користат услугата за наплата на Apple Store, која им одзема околу 30 отсто од приходите.
Брисел формално го обвини Apple во антимонополска истрага во 2021 година, но го стесни опсегот на истрагата минатата година.
Последната верзија на истрагата се фокусираше на тоа дали Apple ги спречил конкурентните апликации да ги информираат корисниците за поевтини алтернативи за претплата надвор од нејзината матична продавница за апликации на Apple, со што ги прекршиле законите за конкуренција на Европската унија.
Според изворите на Financial Times, Европската комисија ќе го обвини Apple за злоупотреба на својата силна позиција на пазарот и ќе ги забрани „нефер условите за тргување“ на компанијата во ЕУ.
Apple претходно беше казнет со 1,1 милијарда евра во Франција за монополски практики, а подоцна во жалбената постапка беше намалена на 372 милиони евра.