АСОМ: Примерот со Албанија ги потврди нашите апели – ограничувањето на легалните игри на среќа ја отвора вратата за игрите на црно

Повеќегодишните апели на Асоцијацијата на спортски обложувалници (АСОМ) за потребата од сеопфатна јавна дебата во Македонија за законот што ги регулира игрите на среќа бидејќи во спротивно – брзи и популистички мерки на долг рок се контрапродуктивни, се покажаа како исправни и преку примерот со Албанија.

Имено, по укинувањето на легалните обложувалници и казина во 2019 година, Албанија се соочи со игри на среќа на црно и пораст на криминалот, што минатата недела доведе до изгласување на нов закон од страна на мнозинството пратеници од Парламентот во Албанија. Законот со кој се укинува забраната во Албанија, покрај сузбивање на играњето на црно, ќе придонесе за зголемување на буџетските приходи и поголема транспарентност во оваа економска гранка.

Сакаме да потсетиме дека нашата дејност не поттикнува млади да играат игри на среќа, ниту пак стимулира каква било зависност. Напротив, како општествено одговорни компании, годишно вложуваме десетици илјади евра за спроведување на кампањи за едукација на играчите, а воедно 100% ги почитуваме актуелните законски норми и правила поврзани со нашата дејност, плаќаме даноци и со тоа постојано ги зголемуваме буџетските приливи.

Дополнително, во интерес на индустријата на игри на среќа е игрите да се играат за забава, а државата да биде единствената што ќе има контрола на овие процеси. Токму затоа, не сме уверени дека тоа ќе биде случајот со Законот што Владата и Собранието го туркаат, а Претседателот Стево Пендаровски не го потпиша.

Како што наведува Претседателот Пендаровски во образложението на својата одлука причината зошто не го потпишал указот за прогласување на Законот за изменување и дополнување на Законот за игрите на среќа и за забавните игри е бидејќи тој е донесен во незаконска процедура – со употреба на европското знаменце, во ситуација на отсуство на суштинско „аки“ (задолжително право на ЕУ) во областите што ги опфаќа Законот и фактот дека Законот не наведува дури ни лимитирано „ЕУ аки“ што може да биде релевантно.

Покрај тоа, како што наведува Пендаровски, за Законот не била спроведена широка и инклузивна дебата, на што забелешки имаше и Европската Комисија, а потврда стигна и од канцеларијата на Делегацијата на ЕУ во Македонија.

Во наш заеднички интерес е да се донесе вистински европски закон и да имаме подобро решение што ќе биде конкурентно, засновано на реални аргументи и факти, а истовремено ќе ги заштити и нашите вработени и малолетниците.

Ние сме индустрија која е одлично регулирана во моментов, односно актуелниот закон ги опфаќа сите сегменти на контрола на игрите на среќа од надлежните институции, меѓутоа како експерти од фелата, ние приредувачите на игри на среќа кои чиниме 95% од пазарот, сме подготвени да работиме заедно со институциите сè додека не се дојде до вистинското законско решение.

Секторот игри на среќа во земјава вработува околу 10 илјади лица, а индиректно помага 54 илјади други работни места. Секоја година во државниот буџет од игри на среќа се слеваат над 280 милиони евра по однос на сите давачки со кои се задолжени приредувачите на игри на среќа.

Покрај силен импулс за економијата, индустријата на игри на среќа во Македонија има свој влог и во развој на заедницата. 3% од приходите од оваа економска гранка се вложуваат во Агенцијата за млади и спорт, односно повеќе од 1 милион евра како директна инвестиција во спортот.

Затоа, уште еднаш го повикуваме Собранието, сите политички партии и сите пратеници да не го гласаат законот во трето читање и да остават простор за отворање на вистинска широка дебата за подобрување на законската рамка за оваа дејност.