Јапонска компанија ја одложи инвестицијата во гасниот проект во САД

Јапонската енергетска компанија „Kyushu Electric Power“ ќе чека со носењето одлука за инвестирање во проект за гас во САД додека Вашингтон не го укине мораториумот на новите проекти за извоз на течен природен гас (LNG), изјави извршниот директор на компанијата.

Американскиот претседател Џо Бајден на крајот на јануари го суспендираше издавањето дозволи за нови проекти за извоз на течен гас, а Министерството за енергетика најави анализа за нивното влијание врз економијата и животната средина.

Минатата година САД станаа најголем извозник на течен природен гас во светот во услови на двегодишите европски санкции на увозот на руски гас, а се очекува до крајот на деценијата американскиот извоз да се удвои. Денес, САД се најголемиот снабдувач на течен гас во Европа, повеќе од 60 отсто од извезениот американски LNG бил доставен до клиентите во Европа.

Одлуката на американскиот претседател за мораториумот се одрази и на проектот на компанијата „Energy Transfer“ во Лејк Чарлс во американската сојузна држава Луизијана. Во „Kyushu Electric Power“ размислуваа да инвестираат во овој проект за да обезбедат снабдување со LNG на Јапонија.

Запрашан дали „Kyushu Electric Power“ ќе ја одложи инвестициската одлука додека САД не го укинат мораториумот, извршниот директор Такаши Мицујоши рече дека Белата куќа „малку ги изненадила“. „Претпоставувам дека нема да можеме да донесеме одлука (за инвестиции)“ додека ситуацијата не се промени“, рече тој.

Јапонија е втор најголем увозник на LNG во светот, по Кина. Поради проблемите со новите проекти за LNG од САД во периодот на зголемена декарбонизација, „Kyushu Electric Power“ сега бара да го обезбеди своето снабдување со купување удели во развојни проекти, така што повеќе не се потпира само на увоз врз основа на долгорочни договори, според Мицујоши.

„Додека Европа и Кина активно обезбедуваат ресурси, присуството на Јапонија во бизнисот со ресурси опаѓа“, рече шефот на јапонската компанија.

„Kyushu Electric Power“ ја намалил својата зависност од LNG со рестартирање на четири нуклеарни реактори и зголемување на употребата на обновливите извори на енергија на островот Кјушу.

Европските увозници на почетокот на месецот предупредија дека американското суспендирање на новите лиценци за извоз на течен гас може да ја загрози енергетската безбедност на Стариот континент.

„Планираната анализа во иднина би можела да има негативни последици за енергетската безбедност на Германија и Европа, на пример во форма на поскапување поради недоволното количество (гас) на пазарот“, вели најголемиот германски трговец со гас „Унипер“.

Германскиот снабдувач SEFE, кој планира да купи гас од производствените капацитети „Calcasieu Pass 2“ на „Venture Global LNG“, исто така, е загрижен, но Белата куќа ја суспендираше нејзината дозвола. Портпаролот на Европската комисија рече дека одлуката на САД „нема да влијае на краток и среден рок“ на безбедноста на снабдувањето со гас во ЕУ.